Градот Нижњи Новгород е избран да биде домаќин на завршниот турнир од ФИБА лигата на Шампионите, одлучи Бордот на Светската кошаркарска федерација.
Од 5 до 9. мај, осумте најдобри екипи во најквалитетното натпреварување на ФИБА ќе се соберат во овој шести по големина, руски град, и ќе одлучат кој е најдобриот меѓу нив.
Место на завршниот турнир обезбедија три екипи од Шпанија, Касадемонт Сарагоса, Сан Пабло Бургос, Тенерифе, Нимбурк (Чешка), Хапоел Холон (Израел), Пинар Каршијака (Турција), Стразбург (Франција), како и домаќинот, Нижњи Новгород.
Ждрепката за финалните осум ќе биде реализирана на 16.април (петок), од 14.часот. Согласно со пропозициите, во четвртфиналето ќе разигруваат првопласираните против второпласираните четири екипи од регуларниот дел, односно ТОП 16 фазата.
Четвртфиналните мечеви ќе се играат на 5. и 6.мај, полуфиналните се предвидени за 7. мај, додека големото финале, и натпреварот за третото место се закажани за 9. мај.