07.11.2023

Од нашите ривали во групата, Србија е класифицирана на 6. место, Украина на 19, а португалската селекција на 23...

„FIBA POWER RANKINGS“: Најголеми шанси за победа имаме против Португалија, најмали против Србија

На 48 часа пред официјалниот почеток на квалификациите за Европското првенство во 2025 година, Светската кошаркарска федерација го направи и првото рангирање на учесниците во овој квалификациски циклус.

Во веќе традиционалниот, односно првата едиција на „FIBA POWER RANKINGS“, од репрезентациите кои се дел од групата „Г“, најголеми шанси за пласман и се даваат на Србија.

Српската сениорска женска репрезентација важи за шестти фаворит во овие квалификации. Нашиот прв противник на домашен терен, на 12. ноември во СРЦ „Кале“, е рангиран зад првата петорка во која се селекциите на Шпанија, Белгија, Франција, Унгарија и Германија, најмногу поради фактот што е најавено одредено подмладување во ростерот на селекторот Марина Маљковиќ, во кој, извесно, нема да бидат Ивон Андерсон, Александра Црвендакиќ и Тина Крајишник, па шансата треба да ја чекаат некои помалку искусни кошаркарки.

Многу поназад на листата се нашите други два ривали во квалификациите.

Репрезентацијата на Украина, со која ќе играме во наредниот ФИБА „прозорец“ (ноември 2024 година), е на 19. позиција во европската зона на ФИБА. Блиску до нив е репрезентацијата на Португалија, поставена е на 23. позиција во ова рангирање, и извесно е дека токму во дуелите со оваа селекција, избраничките на селекторот Александар Ашаданов (рангирани на 35. место) ќе ја бараат шансата за некоја победа во овој репрезентативен циклус.