06.11.2020

На турнирот во Летонија ќе играме против многу, многу подобро рангирани селекции

ФИБА РАНКИНГ: За Рига тргнуваме од 32. позиција во Европа

Двата дуели во квалификациите на турнирот во Рига (од 12. до 14. ноември), ќе бидат две добри можности за нашата женска сениорска репрезентација да покаже дека може да се натпреварува и со далеку поквалитетни селекции од себе.

А оние три кои се дел од групата „И“ во квалификациите, се токму такви. Особено нашиот прв противник во „балонот“ во летонската престолнина.

Последниот ФИБА „power ranking“ пред почетокот на ноемврискиот „прозорец“ вели дека селекцијата на Хрватска е поставена на позицијата број 6, и е најдобро рангирана во нашата група.

Репрезентацијата на Германија е на 15. место, додека домашната, односно летонската е на позицијата број 17.

Далеку поназад, на 32. место е Македонија која во овој квалификациски циклус запиша два порази. На домашен терен против Летонија, и на гостински во Германија.

Со неколкуте „засилувања“, (играњето на Бонер и на Митрашиновиќ) селекторот Владимир Ѓоровиќ и неговата избрана селекција, очекуваат многу поинаква, пред сè, подобра слика во продолжението на квалификациите за Евробаскетот 2021.

Помалу неочекувано, број 1 во Европа е селекцијата на Белгија, пред Словенија и Србија, а во ТОП 5 селекции во женска конкуренција, во овој момент се и оние на Шведска и на Чешка.