09.12.2020

Со оглед на тоа дека сениорите не одиграа ниту еден меч во изминатиот период, остануваме на истите рејтинг-позиции

ФИБА РЕЈТИНГ: „Мирувавме“ во Талин, остануваме на 29. место во Европа

Машката сениорска репрезентација на Македонија останува на истата позиција на која беше во претходното рангирање на ФИБА.

По завршувањето на ноемврискиот „прозорец“ во кој требаше, но не ги одигравме двата квалификациски натпревари, против селекциите на Италија и на Естонија, новата 2021 година ја дочекуваме на 29. позиција во рангирањето од онаа европска зона на ФИБА.

А со 187.6 поени, „црвено-жолтите“ се на 53. позиција во вкупниот светски поредок на Светската кошаркарска федерација.

Нема промени и на самиот врв на табелата на светски репрезентации.

Број 1 останува селекцијата на САД со 781.4 освоени бодови, пред Шпанија која има 721.2, и Австралија која е на третата позиција со вкупно 666.5 бодови.

Интересно, најголем прогрес од европските земји во ова рангирање, има селекцијата на Албанија. Нашите западни соседи напредуваа за седум позиции, и во моментов се на 99. место на ранг -листата.