Втор пораз за нашата машка селекција „Под 14“ години на ФИБА турнирот за млади надежи во Скопје.
РОМАНИЈА (У14-М) – МАКЕДОНИЈА (У14-М) 94:75
Младите кошаркари на Романија одиграа доста добро во првиот период кој го завршија со двоцифрена предност од (28:18). Доста подобро нашиот млад тим функционираше во вториот период. Посебно во одбраната, која не дозволи противникот да реализира голем број на поени. Во 18. минута од играта, по поените на Пјевац, намаливме на (36:40). Но Романците имаа подобар финиш во првото полувреме кое го затворија со шест поени по ред, и двоцифрен плус од десет поени (46:36).
Романците беа подобар противник и во продолжението од играта на теренот во СРц „Кале“. Во ниту еден момент не им дозволија на нашите млади кошаркари да се понадеваат на било како пресврт, дали играчки или резултатски, сеедно.
И младите Романки подобри од нашите надежи
Нешто порано, во СРЦ „Кале“ играа и женските селекции „Под 14“. А младите романски кошаркарки стигнаа до победа од (96:51). Преубедлива во однос на случувањата на теренот. Нашите девојчиња беа рамноправен ривал во првиот период кој Романија го доби со (22:18).
Но подзастанаа во продолжението од играта. Во втората четвртина противникот се одвои на високи (4з:26), и без проблеми го одработи второто полувреме во кое стигна до убедлив триумф.
Во последното коло од овој турнир во нашиот главен град, нашите женски кошаркарски надежи од 13. часот, ќе ги одмерат силите и со селекцијата на Косово.