10.06.2023

Девојчињата дадоа силен отпор загубија со (51:74), далеку поубедливи беа турските пионери во дуелот со нашите млади кошаркари славеа со (113:62)

ФИБА YDF ТУРНИР-ПРИЗРЕН 2023: Двa порази од Турција на нашите надежи

Многу работи станаа појасни уште во првата четвртина во која силната турска селекција веќе имаше предност од 20.поени (34:14).

Турција (М-У14) – Македонија (М-У14)       113:62

По почетниот шок, доста добро ја одиграа нашите пионери втората четвртина во која беа дури и рамноправни на фаворизираниот потивник. Турција го доби вториот период со (26:23), но во тие десет минути избраниот тим на селекторот Владимир Мирковски, покажа дека може да му парира на далеку поквалитетниот ривал.

Сепак, тоа беше недоволно за нешто повеќе. Во второто полувреме Турците притиснаа уште повеќе и на крајот стигнаа до убедлив триумф, за нив втор на турнирот во Призрен.

Сотир реализираше девет поени, Оцепек и Костов дадоа по осум во нашата селекција „Под 14“ години која по две одиграни кола има половичен ефект (1-1).

Турција (Ж-У14) – Македонија (Ж-У14)       74:51

Нешто порано се сретнаа и женските селекции на Македонија и на Турција.

Нашите млади кошаркарки пружија доста добар отпор на фаворизираната селекција на Турција.

А се чини дека пресудна за конечниот исход на вој меч беше првата четвртина. Онаа во која младите турски кошаркарки остварија убедлива предност од 14.поени (24:10).

Избраничките на селекторот Едина Муса доста добро парираа во продолжението на играта. Дури и го добија третиот дел од овој меч во Призрен со минимални (15:14). Но немаа доволно сили, енергија, па и квалитет за комплетно да се вратат во натпреврот.

Јана Пислевска, со 25.реализации беше прв стрелец во македонската селекција „Под 14“ години. Но немаше друга расположена кошаркарка во нашата селекција за овој резултат да биде и „понизок“.

Утре попладне, од 17, односно од 19.часот, противниици ни се селекциите на Бугарија, а на последниот ден на турнирот, ќе разигруваме и против националните У14 тимови на Романија.