Двете нашите селекции „Под 14“ стартуваа успешно на ФИБА YDF турнирот во Призрен... Беа подобри од домаќинот на собирот - Косово...
КОСОВО (М-У14) – МАКЕДОНИЈА (М-У14) 71:75
Одлично почнаа нашите надежи. Во шест минути од играта направија предност (16:5). Но потоа следуваше голем пад, во кој домашните кошаркари направија серија од (15-0), доволно првата четвртина да ја завршат со предност (20:16).
Таа разлика кошаркарите на Косово ја задржаа и до полувремето, водеа со (41:38).
Второто полувреме нашите млади кошаркари го отворија со серија од (12-1), доволно за да го преземат водството. Поведовме со (50:42), нешто подоцна, во 26.минута, имавме и повисоки (55:46). До крајот на тој дел од играта, останавме во водство, макар и нешто пониско (58:54).
Но не за долго, затоа што со мини серија од пет поени, домашната репрезентација одново поведе, со минимални (59:58).
Од тој момент се водеше битка за секој поен. Во оние нешто повеќе од осум минути, двете селекции се менуваа во водството.
Решението падна во последните две минути, во кои Косово имаше минимални (71:70). Се чини дека клучната тројка ја даде Оцепек, за промена на водство на наша страна (73:71). Гиновски зголеми на (74:71), а Оцепек ја потврди вредната победа за нашата селекција „Под 14“ години на отворањето на турнирот во Призрен.
Гиновски и Шалев реализираа по 14.поени, Бошковски имаше 11, а Илиев уште 10 пред да стигне конечното решение околу победникот на овој натпревар исполнет со доста промени на резултатот.
КОСОВО (Ж-У14) – МАКЕДОНИЈА (Ж-У14) 23:101
Два часа порано се сретна аи женските селекции на Македонија и на Косово.
Нашите млади кошакарки стигна до повеќе од убедлива победа. Доминираа во текот на сите четири четвртини во кои противничката селекција даде по шест односно по пет поени.
Трајковска реализираше 16.поени, Колева имаше 14, Гриевска 12, а Панкова уште 11 за нашата селекција која ја предводи селекторот Едина Муса.
По ден пауза, на 9. јуни, кога нашите тимови се слободни, следуваат мечевите со Турција (10.јуни), потоа на 11. јуни, противниици ни се селекциите на Бугарија, а на последниот ден на турнирот, ќе разигруваме и против националните У14 тимови на Романија.