05.11.2023

На крајот на турнирот, двете романски селекции „Под 14“ години беа подобри од нашите...

ФИБА YDF ТУРНИР-СКОПЈЕ 2023: „Двоен“ пораз од Романија

На последниот ден од турнирот кој беше во организација На македонската кошаркарска федерација, двете наши селекции „Под 14“ години забележаа порази во дуелите со соодветните селекции на Романија.

МАКЕДОНИЈА (У14-Ж) – РОМАНИЈА (У14-Ж)         43:75

Се чини дека на овој натпревар заморот си го направи своето. Нашите млади кошаркарки не делуваа исто како во воведните мечеви на собирот во СРЦ„Кале“.

Беше видливо уште во првата четвртина во која романската селекција реализираше дури 35.поени, двојно повеќе од нашата. И тоа го одреди текот на понатамошните случувања на овој натпревар. Евидентно, романската селекција делуваше доста подобро во однос на нашата (не играа репрезентативките од екипата на Бадел 1862 која од претходно имаше закажано гостување во Германија).

На крајот, дури и преубедлива победа за Романија над нашата женска кадетска селекција, која овој турнир го завршува со ефект од една победа и три порази, но и доста добри игри во претходните мечеви со Турција и со Бугарија.  

На овој последен меч од турнирот, Пислевска и Трајковска реализираа по 12.поени за нашата селекција.

МАКЕДОНИЈА (У14-М) – РОМАНИЈА (У14-М)        53:63

Гостите од Романија имаа псотојана предност на овој натпревар, и во ниту едне момент нашите млади кошаркари не успеаја во тие постојани обиди да ја стигнат. Оттука и заслужен триуф за романската селекција која доби три од четири четвртини. Во онаа последната бевме подобри за два поени, но не и за да направиме пресврт.

На крајот, солиден ефект, скор од две победи (против Косово и Бугарија) и два порази против Турција и Романија) за избраниот тим на селкторот Владимир Мирковски на овој турнир во нашиот главен град.

И овој пат Мирковски им даде шанса на сите кошаркари кои ги имаше на располагање, но ниту еден од нив не успеа да ја премине двоцифрената бројка на реализации.