01.11.2023

Одлични 20. минути на нашите млади кошаркари во второто полувреме, доволни за прва победа (60:55) на собирот во СРЦ „Кале“

ФИБА YDF ТУРНИР-СКОПЈЕ 2023: Кадетите, со „камбек“ до победа над Бугарија

Машката селекција на Македонија „Под 14“ години имаше успешен старт на турнирот во Скопје, откако со доста подобра игра во второто полувреме, успеа да анулира предност на селекцијата на Бугарија, и да стигне до успех.

МАКЕДОНИЈА (У14-М) – БУГАРИЈА (У14-М)     60:55

Бугарската селекција „Под 14“ беше подобар ривал во првите 20.минути од премиерниот меч за двата соседи на турнирот во Скопје.

Или подобро кажано, во воведните десет минути се стекнаа со солидни (17:10), кои успеаја да го сочуваат до одморот (34:27).

Со серија од (11-2), на почетокот на третиот период, нашите млади кошаркари го преземаа водството. Во 26.минута, по поените на Костов, водевме со минимални (38:36). Така беше и на истекот на тој дел во кој го свртевме резултат во наша полза, (44:42).

Заигравме уште подобро, пред се во одбраната, во последниот, и решавачки дел од мечот. За скоро седум минути игра, му дозволивме на противникот да реализира само четири поени, доволно да се стекнеме со највисокото водство (53:46). 

Македонија поведе и со (55:46), nо гостите на паркетот во СРЦ „Кале“, направија серија од (9-0), и на 62.секунди пред крајот, успеаја да дојдат до израмнување, (55:55).

Во наредниот наш напад, Оцепек беше половичен од линијата за слободни фрлања, но доволно за наш „минималец“ (56:55). А по грешката на Минчев, Оцепек беше уште поточен од истата позиција, за уште повисоки (58:55), и само девет секунди за противникот да организира последен напад. Се обидоа за три, но не погодија, а на ред да застане на линијата за слободни фрлања беше Бошковски, кој и ја потврди победата. Со реализација на двата „пенали“ и конечни (60:55).

Стефан Илиев реализираше 20.поени, а капитенот Гиновски уште 19 за нашата селекција на овој „долговечен“ меч.  

А утре навечер, двете наши селекции „Под 14“ ги чека двомеч против соодветната репрезентација на Косово. Женскиот тим стартува од 19, а машкиот два часа подоцна – 21.

РЕЗУЛТАТИ И РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

Косово (ж) – Турција (ж) 32:82

Косово (м) – Турција (м) 58:73

МАКЕДОНИЈА (Ж) – Бугарија (ж)        63:68

МАКЕДОНИЈА (М) – Бугарија (м)        60:55

2.НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК)

15.00: Турција - Романија (ж)

17.00: Турција - Романија (м)

19.00: Косово (ж) - МАКЕДОНИЈА (Ж)

21.00: Косово (м) - МАКЕДОНИЈА (М)

*Сите натпревари се играат во салата на СРЦ „Кале“, влезот е слободен