04.11.2023

На крајот одлучуваа нијанси, беа на страната на турската селекција „Под 14“ години која победи со резултат (55:50)

ФИБА YDF ТУРНИР-СКОПЈЕ 2023: Жесток отпор на македонските девојки против големиот фаворит Турција

Женската селекција „Под 14“ години загуби од Турција по голема борба во текот на сите 40.минути на турнирот во Скопје

МАКЕДОНИЈА (У14Ж) – ТУРЦИЈА (У14Ж)     50:55

Извесно, младите кошаркарки на Турција влегоа подобро во овој натпревар, трет за нашата селекција. За кратко време, од пет минути противникот изгради висока предност (16:4). До крајот на четвртината имаше нешто пониски (18:11).

Но како одминуваа минутите, така и напите девојки играа се подобро и подобро. Со серијата од (7-2) се доближивме на (18:20), но Турчинките некако успеаја да го одбранат тоа водство, и на полувремето да „однесат“ плус 5 (30:25).

Ништо не се промени ниту во вториот дел од играта. Постојано ја бркавме, но никако не успевавме и да ја стигнеме таа не баш висока позитива на ривалот. По три одиграни четвртини, Турција сеуште водеше, со (42:36). А по петте по ред поени на Колева, Македонија уште еднаш се доближи на само „еден посед“ (44:47). Останаа да се доиграат 2:38 минути во кои Пислевска погоди уште една тројка за -2, (47:49), но немавме сили за тој толку посакуван пресврт.

Токму овие две кошаркарки искомбинираа 32, од крајните 50.поени за нашата репрезентација, која утре, во последното коло од турнирот, од 13.часот, ќе игра против Романија.

РЕЗУЛТАТИ И РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

4. КОЛО

Бугарија (ж) – Романија (ж)      62:69

Бугарија (м) – Романија (м)      68:61

МАКЕДОНИЈА (Ж) – Турција (ж)          50:55

МАКЕДОНИЈА (М) – Турција (м)   (во тек)

5.НОЕМВРИ (НЕДЕЛА)

09.00: Косово (ж) – Бугарија (ж)

11.00: Косово (м) – Бугарија (м)

13.00: МАКЕДОНИЈА (Ж) – Романија (ж)

15.00: МАКЕДОНИЈА (М) – Романија (м)