27.05.2020

„Моето е да го дадам максимумот, и да се покажам во најдоброто светло“ – порачува младиот кошаркар

Филип Наков: Ништо не може да го замени кошаркарскиот терен

Важи за неодминлив или составен дел од селекцијата на играчи родени 2003 година. Беше еден од најистакнатите играчи во селекцијата „Под 16“ години која пред едно лето, на ЕП во Италија стигна до посакуваната цел – опстанок во елитната дивизија на европската младинска кошарка.

Можеби и фактот дека тие седум мечеви во Удине ги одигра и повеќе од коректно, беа основа за препорака да ја продолжи својата кариера надвор од Македонија.

Интересно, некаде на „половина од сезоната“, од соиграчите нарекуван „Пантер“ ја одбра Црна Гора, односно екипата на Ловќен Бемакс од Цетиње. Со една цел, неговиот евидентен напредок да биде на уште едно повисоко ниво.

Што прави Филип Наков, како ги користи овие денови на пауза, предизвикани од пандемијата на короновирусот?

„Се трудам денот да ми биде исполнет во целост. Тренирам по програмата што ми ја праќаат секојдневно од клубот Подгорица Бемакс. Во дворот имам кош, и на тој начин се трудам да ја одржам форма, секако, колку е можно во овие услови. Меѓутоа ништо не може да го замени кошаркарскиот терен и навистина едвај чекам да се вратам во сала“- вели некогашниот играч на Партизан Водно Санс

Оваа сезона за прв пат во кариерата почувствува како е да се игра сениорска конкуренција?

„Во јануари за прв пат во кариерата заиграв за странски клуб Ловќен Бемакс од Црна Гора. Стручниот штаб и соиграчите ме прифатија одлично. Многу брзо се прилагодив. За период од два месеци многу напредував. Од септември ќе бидам дел од екипата Подгорица Бемакс која за прв пат ќе биде дел од првата црногорска лига“.

Дали во овие неколку месеци од твојто престој, можеше да го процениш квалитетот на младинските лиги во Црна Гора?

„Во младинските лиги во Црна Гора постојат многу добри услови за индивидуално напредување. Мојата екипа пред пандемијата беше на второто место со што обезбедивме место во завршниот турнир кој  за жал нема да се одржи“.

Поради пандемијата нема да го играте ЕП за кошаркари „Под 18“ години?

„Навистина ми е жал што годинава нема да се одржи Европското првенство во Романија. Чест и гордост е да се игра за репрезентацијата. Сигурен сум дека ќе направивме голем успех“.

Како понатаму, кои се твоите идни планови откако ќе се нормализира ситуацијата?

„Веќе во првата недела на јуни, секако ако се биде како што очекувам, пред се со оние безбедносни протоколи, се враќам во Подгорица. Продолжуваме со тренинзи и подготовки за новата сезона. Моето е да го дадам максимумот, и да се покажам во најдоброто светло“ – порачува младиот кошаркар, дел од нашата селекција на играчи кои следната сезона ќе го трошат оној јуниорски стаж.