Во врска со барањето на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром АД за промена на член од Регистрацискиот правилник во кој го пропишува бројот на странци во тимовите, Македонската кошаркарска федерација изрази комплетна поддршка за овој предлог и воедно ги охрабрува сите клубови да застанат позади иницијативата на шесткратниот првак.
Член 32.5
(5) Клуб во Прва лига мажи има право на пријавување и настап најмногу 6 (шест) странски играчи во составот на еден натпревар, но на терен во игра, да нема помалку од два домашни играчи.
Темата „број на странци“ и евентуалната промена на тој број наиде на позитивни, но и на негативни коментари поради што Македонската кошаркарска федерација организира јавна дебата.
На јавната дебата, одржана на 4. јуни, беа истакнати предлози од страна на присутните во врска со правилото за странски играчи, за правилна имплементација на истото, позитивните и негативните страни од промена на правилото, како и за бројот на учесници во Првата лига (мажи).
Македонската кошаркарска федерација ги зема предвид сите предлози и во текот на утрешниот ден (среда, 20. јуни) ќе одржи состанок со претставници на клубовите од ПЛМ и ќе се изјасни со конкретен предлог на оваа тема.