11.05.2025

Во финалето на турнирот во Тетово, се играат екстра десет минути за да се добие победникот, Вардар, малку подобар од Борец Баскет (80:76)

ФИНАЛЕН ТУРНИР М12-МАЖИ: По две продолженија, Вардар дојде до шампионската титула

Крајно возбудлив, интересен, на крајот и драматичен беше финалниот натпревар во М12 лигата во машка конкуренција. Финалистите, Вардар и Борец Баскет прикажаа игра која ги задоволи двете страни од трибината во салата „8.септември“ во Тетово каде овој викенд се играше завршницата од оваа возрасна категорија од младинските лиги. 

ВАРДАР - БОРЕЦ БАСКЕТ        80:76

Екипата на Вардар беше подобар противник во првото полувреме од големото финале на турнирот во Тетово.

Од самиот почеток наметнаа свој стил на игра, доста ефикасен. Тоа беше видливо и на резултатот.

„Вардарци“ ја добија првата четвртина со резултат (15:12), а во текот на втората дојдоа до уште поголема позитива. По четири минути од овој период, креираа водство од (23:15).

Слично беше и на истекот на првото полувреме, Вардар водеше со (28:20).  

Но Борец баскет стартуваше многу подобро во второто полувреме. За неполни четири минути велешани направија серија од (12-3), која им донесе водство (32:31).

Неуспешен беше тајм-аутот на тренерот на Вардар, екипата од Велес, преку својот најдобар играч, Кимов, ја продолжи серијата на поентирање.

Поведе Борец баскет и со (35:31). Но Вардар најде одговор, стигна до егал-резултат (39:39). Но во последната делница од играта, предноста остана за екипата од Велес, која имаше плус (42:40) од која таа четвртина ја доби со резултат (22-12).

„Црвените“ од Велес водеа со слични (53:50) и во средина на четвртата четвртина.

Но се „активираше“ Данев на другата страна од игралиштето, кој ја врати предноста на страната на Вардар (57:56).

Двете екипи влегоа во последната минута со ист број на реализации, по 59, што донесе дополнителна драматичност на финалето.

На тој резултат останаа и по истекот на последните 60.секунди, па мораше да се играат дополнителни пет минути. 

Во продолжението, уште поголема неизвесност, затоа што во последната минута, Борец Баскет беше екипата која водеше, но со минимални (66:65).

Но, Данев уште еднаш го врати својот тим, овојпат го однесе во второ продолжение во кое Борец баскет влезе особено хендикепиран, без својот прв играч Ќимов, кој заработи пет лични грешки.

Вардар поведе со (76:72), потоа и со (78:73), како најава за крај на неверојатниот финален натпревар.

ФИНАЛЕН ТУРНИР М12-МАЖИ:

РЕЗУЛТАТИ

ПОЛУФИНАЛЕ

ВАРДАР - МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ 66:56

ЉУБОТЕН ТЕТОВО - БОРЕЦ БАСКЕТ          45:64

НАТПРЕВАР ЗА ТРЕТО МЕСТО

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ - ЉУБОТЕН        74:30

ФИНАЛЕ

ВАРДАР - БОРЕЦ БАСКЕТ        80:76