Екипата на Патриот 2016 од Делчево е освојувач на третото место на завршниот турнир од М14 лигата во женска конкуренција откако во „малото финале“ беше за нијанса подобар ривал од штипска Тим Арена.
ПАТРИОТ 2016 - ТИМ АРЕНА 62:57
На полувремето, екипата на Патриот 2016 имаше предност од четири поени (26:22). На средина од третата четвртина, девојчињата од Делчево имаа и уште повисока разлика, од осум поени (34:26). Недолго потоа и (36:28), кога тргна серијата од седум поени на Тим Арена за доближување на водството на противникот на само еден поен (35:36). А до крајот на тој трет дел од натпреварот за третото место, штипјанки стигнаа и до егал скор (40:40).
Во последниот период, првите пет поени ги постигнаа кошаркарките на Патриот 2016, за ново водство (45:40). Но и тоа не беше недостижно за екипата од Штип, која направи нова серија (8-2), доволна за да премине во водство (48:47), како што беше резултатот на средина од последната четвртина.
И по трет пат по ред, Патриот 2016 одново поведе со седум поени предност (60:53). И што е поважно успеа да ја задржи и да дојде од бронзените медали на турнирот во Битола.

Од 14.30 часот, на истото место, салата „Боро Чурлевски“ во Битола, ќе се игра финалниот натпревар во М14 лигата-жени, во кој за победничкиот пехар ќе се борат екипите на Петровски и на Вардар.
ФИНАЛЕН ТУРНИР М14 ЛИГА-ЖЕНИ
РЕЗУЛТАТИ - ПОЛУФИНАЛЕ
Петровски – Патриот 2016 70:53
Тим Арена – Вардар 62:69
ЗА ТРЕТО МЕСТО
Патриот 2016 - Тим Арена 62:57
ФИНАЛЕ
14.30: Петровски - Вардар