Екипите на Бадел 1862 и на Тим Арена од Штип ќе играат во утрешното финале од М14 лигата во женска конкуренција.
Во полуфиналните дуели на турнирот кој се игра во Крива Паланка, овие две екипи беа подобри од своите ривали, Вардар односно Крива Паланка, и сосема заслужено ќе се борат за златните медали во оваа конкуренција од младинските лиги
ВАРДАР – БАДЕЛ 1862 51:68
(13-17; 16-10; 11-21; 11-20)
ВАРДАР: Ристеска 2, Димитровска, Начевска 16, Пислевска 15, Костова, Трајловска, 13, Столеска, Николиќ 1, Гиновска 4, Ефтовска, Илиевска, Стефковска,
БАДЕЛ 1862: Сарафиловска 28, Милосављевиќ 12, Димитријевиќ 11, Тосевска, Сотиров, Младеновска, Панкова 9, Дамевска, Атанасова 8, Мојсовска;
Доста израмнето се играше во првото полувреме. Двете екипи од Скопје покажаа голема желба да се пласираат и да го играат последниот меч во сезоната кој го носи и победничкиот трофеј.
За два поени, подобри беа младите „вардарки“, кои на одмор заминаа со плус од два поени (29:27).
Во продолжението од играта „баделки“ најдоа начин како да го стигнат тоа водство, и во периодот кој ја носи конечната одлука да заминат со сосема солидна предност од (48:40).
Разлика која во последниот период само ја зголемија, и избраничките на тренерот Дарко Димитријевиќ се изборија за пласман во финалниот натпревар на завршниот турнир во Крива Паланка.
Победа во која најголем удел имаше Сарафиловска, која постигна 28.поени, а сосема добра поентерска поддршка доби од Милосављевиќ, која уфрли 12, и Димитријевиќ, која даде 11.поени.
Кај Вардар, Начевска беше стрелец на 16.поени, Пислевска имаше 15, а Трајковска 13.поени.
* Претходно, во првиот полуфинален натпревар, екипата на Тим Арена со голем пресврт во второто полувреме, го изненади домаќинот на оваа завршница – Крива Паланка.
ТИМ АРЕНА – КРИВА ПАЛАНКА 54:50
(13-16; 10-16; 17-12; 14-6)
ТИМ АРЕНА: Колева 36, Јорданова 2, А. Иветиќ 4, Милева, Тосева. Илиевска, Здравкова, Варадинова, Данилова 12, Трајанова;
КРИВА ПАЛАНКА: Грчевска 28, Стојановска 4, Цветковска 10, М. Велковска 6, Стојчевска, Ѓорѓиевска 2, Митовска, Б. Велковска, Стојановска, Бошковска, Николовска, Павловска;
Со сосема солидна предност се стекнаа домашните кошаркарки во првото полувреме. По релативно израмнетата прва четвртина која ја добијаа со (16:13), младите кошаркарки од Крива Паланка обезбедија уште повисока предност до полувремето.
На пауза заминаа со позитива од девет поени (32:23).
Но и тоа не им беше гаранција за успех, затоа што пионерките од Штип во третиот период најавија дека не се откажале од место во финалето. Симнаа пет поени од негативата, и во периодот на одлука, се влезе со резултат (45:40) за екипата од Крива Паланка.
Пресудна беше одличната игра на Тим Арена во последната делница од полуфиналето. Онаа во која предводени од супер ефикасната Колева, која оваа средба ја заврши со 36.поени, и Данилова која помогна со 12. поени, го направија пресвртот и во играта и во резултатот. Ја престигнаа предноста на девојчињата од Крива Паланка, доволно да се пласираат во финалето.
Во домашната екипа пак, Грчевска постигна 28. поени, а Цветковска додаде уште десет.
Победникот, кој за прв пат, ќе добие и парична награда во висина од 30.000 денари ќе биде познат по одигрувањето на финалето кое на програмата е на 4.јуни (недела) од 19.30 часот.
Поразената екипа во финалниот натпревар ќе биде парично наградена со 20.000 денари.
Натпреварот за третото место е предвиден за недела, од 17. часот. Победникот на оваа средба, освен бронзените одличја ќе добие и парична награда во висина од 10.000 денари, исто толку следуваат и за поразениот тим денари од вкупниот награден фонд од 70.000 денари, кој го предвиде федерацијата за овој финален турнир.
М14 ЛИГА-ЖЕНИ – ФИНАЛЕН ТУРНИР
РЕЗУЛТАТИ
ПОЛУФИНАЛЕ
Крива Паланка – Тим Арена 50:54
Вардар – Бадел 1862 51:68
4.ЈУНИ (НЕДЕЛА)
ЗА ТРЕТО МЕСТО
17.00: Крива Паланка - Вардар
ФИНАЛЕ
19.30: Тим Арена – Бадел 1862
* Сите натпревари се играат во салата „Бранители 2001“ во Крива Паланка