10.06.2025

Водно Санс доминантен во првиот полуфинален натпревар, против екипата од Аеродром сигурен триумф (68:54) за место во големото финале

ФИНАЛЕН ТУРНИР М16 ЛИГА-МАЖИ: Водно санс убедлив против МЗТ Скопје, за сигурен „премин“ кон финалето

Екипата на Водно санс е првиот финалист на завршниот турнир од М16 лигата во машка конкуренција. Во првиот полуфинален натпревар на турнирот, беа доминантни во однос на својот противник – МЗТ Скопје Аеродром. Го најавија тоа уште во првата четвртина во која остварија убедлива предност, која, како одминуваа минутите, само ја зголемуваа, за пласман во големото финале во кое ќе го чекаат подобриот од дуелот ИБА Скопје-Вардар.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ВОДНО САНС      54:68

Водно санс беше екипата која рано оствари доминација во првиот полуфинален натпревар од М16 лигата кој денеска стартуваше во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.

Уште по десет минути имаа високо водство (29:12), кое им овозможи доста порелаксирана игра во продолжението од натпреварот.

Кадетите на МЗТ Скопје се опоравија од лошиот старт, заиграа многу подобро во вториот период. Но не и доволно за да се приближат до противникот.

Или подобро кажано, да ја сведат негативата на достижна.

Во средина на овој период, намалија на -14 (17:31), но не и нешто повеќе од тоа. До крајот на полувремето, Водно санс ја врати големата предност, беше и највисока (47:24), како најава за сигурен исчекор кон финалниот натпревар во сезоната, оној во кој се решава прашањето за шампион во М14 лигата.

Стевков со 12, и Ангеловски кој даде 10, поентерски го предводеа составот на Водно Санс во првите 20.минути. На другата страна, Савевски и Јованов искомбинираа 15, од крајните 24.поени за МЗТ Скопје Аеродром.

Ниту третиот дел од играта не донесе некои посериозни промени, како во играта, така и во резултатот. Доста израмнето се играше во тие 10.минути во кои ниту една од двете екипи не успеа битно да смени, особено не во оној резултатски поглед, што апсолутно им одговараше на кадетите на Водно санс ккои практично „одработуваа“ во тие втори 20.минути од полуфиналето.

Ангеловски одигра доста добар натпревар, го заврши со реализација на 21.поен, но и 9.скока, 5.асистенци, го следеа Лазаров, со двоен скор од 15. поени и 10.скока, и Стевков, кој на 14.поени придодаде и 8.скока.

Во екипата на МЗТ Скопје Аеродром, Јованов финишираше со 13.поени, исто толку имаше и Крстев, додека Трајковски заврши со двоен ефект од 12.поени и 10.скока.

Од 19.30 часот, во второто полуфинале, ќе играат екипите на ИБА Скопје и Вардар.

ФИНАЛЕН ТУРНИР М16 ЛИГА-МАЖИ

ПОЛУФИНАЛЕ – ДВОЈКИ

10.ЈУНИ (ВТОРНИК)

МЗТ Скопје Аеродром – Водно Санс 54:68

19.30: ИБА – Вардар

11.ЈУНИ (СРЕДА)

17.00: ЗА ТРЕТО МЕСТО – МЗТ Скопје Аеродром – ИБА/Вардар

19.30: ФИНАЛЕ – Водно Санс – ИБА/Вардар

* Натпреварите се играат во салата на СРЦ „Кале“ - Скопје