20.05.2023

Во доминантна игра, во првото полуфинале, беа доста подобри од екипата на Тим Арена, славеа со убедливи (76:57)

ФИНАЛЕН ТУРНИР-М18 ЛИГА-ЖЕНИ: Крива Паланка е прв финалист!

Познат е првиот учесник на големото финале од завршниот турнир од М18 лигата во женска конкуренција. Тоа е екипата на Крива Паланка, која беше далеку подобра од штипскиот состав Тим Арена

ТИМ АРЕНА – КРИВА ПАЛАНКА          57:76

Тимот од Крива Паланка во овој момент има доста поквалитетен ростер во кој играчки доминира репрезентативката Михаела Алексовска, а тоа го потврди уште во првиот дел од играта.

Во првата четвртина Крива Паланка, предводена од Алексовска, со голема поддршка од Стоевска и Петреска (во одбранбениот сегмент), обезбедија висока предност. По десет минути водеа со двоцифрени (23:12).

Но тука и не застанаа, во исто темпо продолжија и во втората четвртина. Дојдоа до 40 поени за 20.минути, противникот имаше 18.

Доволно за повеќе од убедливи (40:18).

Малку порамноправна беше играта во второто полувреме. Штипјанки се ослободија и од оној психолошки притисок кој со себе го носи играњето на натпревари во кои се доделуваат трофеи и медали. Но девојките од Крива Паланка имаа контрола и на играта, и особено над резултатот. Не дозволија разликата да биде под дваесет поени, и апсолутно заслужено стигнаа до последниот меч во сезоната.

Алексовска запре на ефект од 29 поени, 11.скока, шест освоени топки и пет асистенции, Стоевска имаше 13 реализации, а Стоименова уште десет.

Во екипата на Тим Арена, Дојчинова беше стрелец на 13.поени, Митева и А. Иветиќ дадоа по четири поени, но заедно искомбинираа дури 24.скока.

Со кого ќе играат за шампионската титула ќе стане (по) јасно по одигруавњето на вториот полуфинален натпревар. Ќе се сретнат домаќинот, Баскет Кам 2011 и екипата на Бадел 1862.

Мечот стартува од 17.30 часот, во салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица.  

Победникот, кој за прв пат, ќе добие и парична награда во висина од 30.000 денари ќе биде познат по одигрувањето на финалето кое на програмата е на 21.мај (недела) од 14.30 часот.

Поразената екипа во финалниот натпревар ќе биде парично наградена со 25.000 денари.

Натпреварот за третото место е предвиден за недела, од 12.часот. Победникот на оваа средба, освен бронзените одличја ќе добие и парична награда во висина од 15.000 денари. Поразениот тим во „малото финале“ ќе добие 10.000 денари од вкупниот награден фонд кој го предвиде федерацијата за овој финален турнир.

М18 ЛИГА-ЖЕНИ – ФИНАЛЕН ТУРНИР

РЕЗУЛТАТИ - ПОЛУФИНАЛЕ

Тим Арена – Крива Паланка     57:76

17.30: Баскет Кaм 2011 – Бaдел 1862

21.МАЈ (НЕДЕЛА)

12.00: За трето место - Тим Арена – Баскет Кaм 2011/Бaдел 1862

14.30: Финале - Крива Паланка – Баскет Кaм 2011/Бaдел 1862

*Сите натпревари се играат во салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица