01.06.2022

Поради подобриот скор во регуларниот дел, МЗТ Скопје Аеродром ја има предноста на домашен терен во финалната серија

ФИНАЛЕTO НА ПЛЕЈ-ОФОТ СТАРТУВА ВО ПЕТОК, ВО СЦ „ЈАНЕ САНДАНСКИ“

Победата на Пелистер, втора во серијата против екипата на Еуро Никел 2005, ја формираше и финалната двојка за завршницата од Плеј-офот.

За прв пат во својата историја, битолските „зелени-бели“ стигнаа до последната рунда во шампионатот, во која се одлучува за титулата.

Но пред себе ќе имаат екипа, клуб за кој оваа серија ќе биде и десетта по ред во која ќе одлучува кој ќе биде најдобриот во првенството. Но и екипа која ќе ја има предноста на домашен терен во евентуално петтиот меч од серијата која стартува на 3. јуни (петок) во сала на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Долго време „пелистерци“ беа во лидерска улога во шампионатот. Но ја загубија во вториот дел од Суперлигата во кој актуелниот првак направи серија, и тоа од девет победи по ред.

Меѓу тие, две против директниот конкурент, сега и предизвикувачот во големото финале.

Во „историјатот“ на нивните меѓусебни одиграни натпревари во оваа сезона стои дека битолчани го добиле првиот меч во првенството со (82:79), потоа и оној наредниот, во „Јане Сандански“, уште поубедливо, со резултат (93:78).

Но аеродромци беа далеку подобар противник во Суперлигата. Во третото одмерување на силите, на свој терен победија со (95:76), а во последното коло, ја освоија Битола со сигурни (88:79), за израмнување во тие дуели на двата, сега веќе финалисти. Со тоа „сино-белите“ ја потврдија позицијата број 1, со која влегоа во доигрувањето за титулата, во кое со „двочекор“ го елиминираа ТФТ, па веќе од петок ќе атакуваат на нова шампионска титула против екипата која е во улога на „дебитант“ во завршната претстава од првенството.

МЕЃУСЕБЕН БИЛАНС ВО ПРВЕНСТВОТО

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ПЕЛИСТЕР (2-2)

Пелистер - МЗТ Скопје Аеродром     82:79

МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер     78:93

МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер     95:76

Пелистер - МЗТ Скопје Аеродром     79:88

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ ВО ФИНАЛНАТА СЕРИЈА

(се игра на три добиени натпревари)

3.ЈУНИ (петок): МЗТ Скопје Аеродром - Пелистер

5.ЈУНИ (недела): Пелистер - МЗТ Скопје Аеродром

7.ЈУНИ (вторник): МЗТ Скопје Аеродром - Пелистер

10.ЈУНИ (петок): Пелистер - МЗТ Скопје Аеродром (ако биде потребно)

12.ЈУНИ (недела): МЗТ Скопје Аеродром - Пелистер (ако биде потребно)