Младинската репрезентација, предводена од селекторот Боро Смилковски и неговите стручни соработници Методија Бешлиовски, Миодраг Тодоровиќ, Матеј Николовски и Андреј Јованоски, денес означи официјален почеток на подготовките за претстојното Европско Првенство за кошаркари до 20 години кое во периодот од 13-21. јули ќе се одигра во Гдиња, Полска.
Смилковски го скрати списокот на повикани кошаркари на 18 на чии услуги ќе смета во овој подготвителен период. Во периодот што следи, кошаркарите ќе се борат за место во топ 12 односно за место во финалниот ростер на кошаркари кои ќе ги бранат националните бои.
Репрезентацијата ќе продолжи да тренира во Скопје, а по десетина дена ќе замине во Црна Гора на пријателски двомеч. Месец јуни ќе го комплетира со уште еден двомеч, против соодветната национална селекција на Словачка на домашен терен. Последна контрола пред настап на младинскиот Евробаскет е закажана повторно во Скопје, со селекцијата на Швајцарија.