Изминатите неколку дена Претседателот на Кошаркарската Федерација на Македонија Перо Антиќ ги помина во работна посета на Кошаркарската Федерација на Грција.
Тој се сретна со Претседателот на Кошаркарската Федерација на Грција, Евангелос Љољос, кој пак беше во посета на Македонија летото што измина за време на Европското првенство за кошаркари до 16 години кое се одигра во Скопје.
На работниот состанок присуствуваше и Димос Дикудис, искусниот репрезентативен крилен центар кој ја заврши кариерата како играч и од минатата година е дел од менаџерскиот тим на сениорската машка репрезентација на Грција.
Антиќ зема учество и во хуманитарен 'натпревар' во организација на Здружението за заштита и поддршка на жени, WIN Hellas кои неретко организираат настани од полето на спречување и борба против насилството врз жените и промовирање на родовата еднаквост. Преку мрежата на своите научни соработници (психолози, консултанти за ментално здравје, адвокати итн.), WIN HELLAS нуди психо-социјална поддршка на жените кои трпат каква било форма на злоупотреба, во нивната семејна, социјална и професионална средина.