15.04.2020

Франција без кошарка до средината на јули, Стојановски и Ѓуроски без понатамошни обврски?

По последната одлука на државното раководство, до средината на јули да нема јавни собири, веројатно е ставен крај на играњето на кошарка во Франција за оваа сезона...

 

Објавата на Емануел Макрон, претседателот на Франција, во која се вели дека до средината на јули се забранети сите јавни собири низ земјата, практично ставаат точка на прашањето дали би можела да се продолжи кошаркарската сезона.

Во таа насока и најновата информација односно дека во оваа земја е продолжена суспензијата на сите летови од и кон САД.

Во досегашните разговори помеѓу федерацијата и клубовите е договорено дека нема поента да се продолжат натпреварувањата без присуство на публика, но и во некомплетни играчки ростери (без странски играчи), што барем досега, очигледно беше дека е единствениот начин за да се одржи било кое натпреварување во земјата на „галските петли“.

Исто така, според претходниот план, претставниците на ЛНБ лигата новиот состанок го закажаа за крај на април, кога треба да ја анализираат ситуацијата и да донесат конечна одлука.

Но после ставот на државните органи, епилогот на овој состанок се чини дека е познат.

Во тој случај, после ВТБ лигата, како и шампионатот во Италија, француската лига би била трета од оние „големите“ кои ја завршиле оваа натпреварувачка сезона.

Тоа пак значи дека со тоа би завршиле и обврските на Војдан Стојановски кон Гравелин Данкерк, односно на Стојан Ѓуроски кон Евре за оваа натпреварувачка сезона.

Нашите репрезентативци веќе подолг временски период се дома, во Скопје, каде го „одработија“ оној задолжителен карантин од 14. дена, и исто толкав период го поминаа во самоизолација.

Сега останува само да го чекаат најавениот состанок на претставниците на лигите на кој се очекува да биде прогласен и крај на натпреварувањата и во француската елитна кошарка.