Војдан Стојановски не ги менува навиките, оние стекнати во текот на оваа сезона, за жал некомплетна, а ја предизвика пандемијата на коронавирусот.
Во овој момент лигите во Франција, оние најквалитетните, се ставени во состојба на „мирување“, а капитенот на нашиот сениорски национален тим е одамна дома во Скопје.
Но сега со една голема дилема помалку, и идната сезона ќе биде дел од екипата на Гравелин Данкерк. Онаа чиј дрес го облече на почетокот на оваа календарска 2020 година.
„И за она кратко време кое го поминав во клубот, имавме беспрекорна соработка и очекувам во ист правец да продолжиме и во следната сезона. Секако, со уште подобри резултати. Можам да кажам дека пресудна беше довербата на тренерот, кој ми даде голема слобода во двата месеци што ги минав во клубот. Оттука сигурно е дека сега сè е некако многу полесно, што во оваа рана фаза, или ‘доцна’, ако се мери според актуелниот календар, кога обично сме на терените, ги симнав грижите околу тоа каде ќе продолжам да играм“- истакнува Стојановски.
Веројатно и клубот има поголеми амбиции, без оглед на кризниот период во кој сме веќе неколку месеци?
„Лани тимот се бореше за опстанок, но овојпат управата е поамбициозна, од она што ми беше соопштено ќе биде направен ‘ремонт’ и на играчки и на стручен план. Односно со смена на помошни и кондициски тренери... Затоа и се надевам на борба за многу повисок пласман отколку во изминатата сезона“.
Одлично се снајде во француското првенство, па иако го пропушти стартот на ланската сезона бидејќи подоцна најде нов клуб, тој експресно се наметна како лидер и во По Ортез и во Гравелин.
„Морам да напоменам и тоа дека ми одговара тој стил на игра, со многу трчање и брзи напади. Слична кошарка се игра и во шпанската лига, во која исто така одлично се снајдов. Затоа е Франција идеална дестинација за мене. Со нетрпение очекувам да почнам со подготовки, и да се насочам кон следната сезона“- вели Стојановски, кој уште пред неколку месеци, веднаш по појавувањето на коронавирусот, се врати назад во Македонија.
Капитенот на нашиот национален тим не е уверен дека сезоната ќе продолжи според најавеното, во текот на септември.
„Искрено, не верувам дека постои шанса за такво нешто. И логички ако се размислува, како би се доиграла оваа сезона во септември, кога екипите треба да се веќе во наредната? Многу пореално сценарио е да се размислува за наредната. Од она што знам е дека главното прашање е дали следниот шампионат во ЛНБ да брои 18, или па да се прошири на 20. клубови учесници. И по кој систем би се одиграло, останува лигата да го даде конечниот збор. Како и да е, прво сето ова да помине, па после да дојде она најдоброто, да играме кошарка“- посакува предводникот на сениорите.