За прв пат од своето постоење, од 1987 година, Генералното собрание на Националната кошаркарска лига на Франција, одржа состанок преку видео-конференциска врска.
Беа изгласани две резолуции, кои се однесуваат за актуелниот момент, и изгледот на Про А и Про Б лигите во земјата на „галските петли“.
Собранието одлучи сезоната 2019-2020 да биде замрзната, дека сезоната 2020-2021 е нова сезона, со 18 екипи во Про А, и исто толку во Про Б лигата, и без шампионска промоција или испаѓање.
Освен тоа, со одлука на Собранието, натпреварите од сезоната 2020-2021 нема да се одржат зад затворени врати, освен во исклучителни околности.
Тоа значи и дека екипата на Гравелин Данкерк, за која и во следната сезона ќе настапува капитенот на нашиот национален тим, Војдан Стојановски, останува во друштвото на најдобрите.
Во сезоната 2019-2020 нема титула шампион на Франција во двете дивизии, затоа што како што беше објаснето, првенствата не биле доиграни, а немало услови и за организација на плеј-оф натпреварите.
Националната кошаркарска лига ќе иницира нов календар во текот на ова лето.