Тренира кошарка од мала возраст и не планира тоа да го промени во скоро време.
Во календарска 2019 година, се најде на списокот на Виолета Здравковиќ, Жаклина Стојановска и на Владимир Ѓоровиќ. Младата Габриела Модева од женскиот кошаркарски клуб Струга 2009 зема учество на две младински континентални првенства, до 16 и до 18 години (двете Б дивизија) како и во квалификациите за Европското сениорско првенство.
„За секој играч е гордост да настапува за сениорскиот тим. Тоа што јас бев дел од три селекции за мене претставуваше големo искуство и мотивација за напредок. Ова е голем успех за мене и е резултат на долготраен тренажен процес во клубот“. – вели нашата репрезентативка.
Амбициите се високи, таа сака да ја продолжи својата кариера надвор од границите на нашата држава, кога ќе се појави вистинската прилика.
„Во иднина планирам да продолжам со кошарката надвор од државата за да можам повеќе да напредувам. Како и секоја кошаркарка посакувам да заиграм во некоја од најдобрите лиги“ – истакнува кошаркарката, двоумејќи се помеѓу WNBA и континенталната женска Евролига.
Пандемијата можеби го примора сиот свет да го стави официјалниот дел од спортот во мирување, но тоа не ја спречува Модева да работи на својата форма.
„Коронавирусот има влијание како и на сите, така и на мене, но се трудам да тренирам во овие променети услови за да бидам подготвена за следната сезона“ – завршува Модева.