29.10.2021

„Немам никаков проблем јавно да кажам, а зборував и приватно – ФИБА е тука за секој“...

Генералниот секретар на ФИБА, Андреас Заглис, за актуелниот момент во европската кошарка

Освен здравствените проблеми, пандемијата, која ја донесе корона ворусот, нанесе и огромни финансиски штети на планетата. А меѓу најзагрозените, беше и остана – спортот.

Сепак, според зборовите на Андреас Заглис, генералниот секретар на ФИБА, оваа меѓународна организација досега одлично се носела со тие проблеми.

„Ние сме првиот спорт кој направи глобален протокол за сите натпреварувања со кој се играше квалификации на сите пет континенти. Во ноември, 2020 година, повеќе од илјада спортисти патуваа и никој од нив не се разболе. Сето тоа нè направи посилни, и нема сомневање дека уште повеќе го зголеми кредибилитетот на организацијата. Во многу нешта што се случуваа, ФИБА беше пред другите. Во исто време, а тоа допрва почнува да се забележува, членовите на кошаркарското семејство се приближија едни со други. Сфативме дека проблемите од минатото станаа релативна работа во текот на пандемијата“ – изјави Заглис.

Смета дека се намалува онаа „дупка“ во кошарката и дека таа граница се ближи кон конечно единство после години, па и деценија на несогласувања на релација Евролига-ФИБА.

„Единството е дел од нашата работа. Немаме само улога на регулативно тело кое организира Светски Куп и големи натпреварувања. Ние сме тело кое сака да го промовира спортот и неговиот развој. За да постои развој, се подразбира моќ на единство, особено во кризни времиња. Гледајќи дека единството ‘внатре’ во ФИБА ја направи организацијата посилна, сигурен сум дека со партнерствата, колачот би растел, и од тоа автоматски би профитирале сите – клубовите, лигите, репрезентациите“.

Заглис е среќен и поради сјајните односи помеѓу националните федерации и нивната, се подобра соработка со лигите.

„Исто така гледам и далеку подобра комуникација помеѓу нивните федерации и клубовите, без оглед на тоа дали играат во Евролигата, или во некое друго натпреварување, што нам ни е многу значајно, со оглед на тоа дека се приближуваат квалификациите за Светскиот Куп“.

Неодамна шпанските медиуми открија дека се почести се контактите помеѓу ФИБА, Евролига, и НБА и дека сите тие три големи организации наскоро би можеле да седнат на иста маса.

„Без никаква таинственост, верувам дека состаноците мораат да се одржуваат во амбиент каде сите на масата ги ставаат идните стратегии, и каде сите мораат да видат со другите што може да се направи. Имаме стратегиско партнерство со НБА, за кошарката да расте ширум светот. Како што говорев од почетокот, мораме да разбереме во која насока одат клубовите, група на доста значајни европски клубови, и да пробаме да направиме заедничка стратегија. Тоа е иднината. Нема дилеми дека е стратешка коегзистенција на иднината. Не сакам да ги коментирам сценаријата. Соопштението е доста јасно. Разговорот се одржа во добра атмосфера, и сега мораме напред, да пронајдеме решенија“.

Доста непријатни работи се случуваа изминатите недeли во Евролигата на релација менаџмент-клубови/сопственици.

„Клубовите добро знаат што секој од нив сака. И знаат многу добро дека ФИБА е секогаш тука за нив. Немам никаков проблем јавно да кажам, а зборував и приватно – ФИБА е тука за секој“

Тој е задоволен од случувањата во Лигата на Шампионите која е под капата на ФИБА.

„Тоа натпреварување нè изненадува секоја година со европскиот карактер и силината на тимовите, како и квалитетот на завршните турнири кои од година во година се подобри и подобри. А сето тоа е вклучено во онаа вкупна стратегија. Една од осумте стратешки цели на ФИБА е конфигурација на интеранционалните клупски натпреварувања. Ја имаме Лигата на шампионите, во Европа и во Америка. За време на пандемијата имавме три „фајнал-ејт“ турнири. Два во Европа и еден во Америка. Секоја година се повеќе тимови разбираат дека овие натпреварувања се во служба на развој на клубовите, но и на националните лиги, што се наши основни принципи. Затоа што патот во Лигата на Шампионите води низ признавањето од националните лиги“- поентира Заглис.