Генералниот секретар, Томче Стојчевски, искажа свој коментар на назначувањето на новиот селектор и кажа дека федерацијаата има програма за иднината, која ќе биде анализирана откако ќе биде сработена.
„Ќе се задржиме до стратегискиот план 2025-2029, и ќе бидете сите известени во која насока ќе се движиме. Не само за сениорите, туку и со младинците, имаме план. Се надевам дека за пресек од две години ќе биде воочен и напредокот кој го имаме потцртано дека ќе го исполниме. Стратегискиот план кој ќе биде изготвен од тимот, кога некој правел некој пресек, не добил поддршка од љубителите на спортот или медиумите.
Но, ние имаме визија со претседателот Главчев, за овој стратегиски план ќе разговараме за две до четири години, а вие потоа ќе нè оцените што сме направиле“ – појасни генералниот секретар Стојчевски пред претставниците на медиумите.
Во оваа прилика, се осврна и на одлуката следните два меча од претквалификациите да се играат во спортската сала во Куманово.
„Кога дојдовме, на 2.мај, тие мејлови беа со рок во кој треба да одговориме каде ќе играме. Не само за А-селекцијата, туку и У16 шампионатот во Скопје. Немаме сали со ФИБА-услови, кога ја водевме кампањата сакавме децентрализација на кошарката, се стремиме за тоа. Но реалната ситуација е што немаме повеќе од три сали во кои не можеме да имаме ФИБА натпреварување.
Ова е претквалификациски циклус, но за понатаму има инспекции, има фрапантни податоци дури и во салата ‘Кале’.
Зошто Куманово?
Првиот меч се игра на 2. август, голем македонски празник, ние луѓето од Скопје го напуштаме градот и ако сакаме да ја наполниме салата не можеме да сметаме на скопјани да ја наполнат салата. Ќе има официјално отворање салата, добивме од градоначалиникот информации дека ќе биде санирано. Ако помине последната инспекција од ФИБА, се надевам на големиот кошаркарски празник во Куманово“.
Македонија првиот натпревар како домаќин ќе го одигра на 2. август против Романија, а вториот на 20 август против Унгарија. Во меѓувреме, „црвено-жолтите“ ќе одиграат два гостински натпревари – на 9 август во унгарскиот град Солнок и на 13 август во Орадеа.