30.07.2020

На состанокот присуствуваа првите оперативци на КФСМ, ФФМ и ОФМ, претставникот на РФМ, како и комесарите за натпреварувањa

Генералните секретари на најголемите федерации одржаа работен состанок на тема: „Здравствени протоколи за спортските натпревари“

На состанокот присуствуваа првите оперативци на КФСМ, ФФМ и ОФМ, Владимир Георгиевски, Филип Поповски и Зоран Карановиќ, претставникот на РФМ, Славе Николов, како и комесарите за натпреварувања во четирите федерации.

Главна тема на состанокот беа здравствените протоколи за спортските натпревари и предизвиците со кои се соочуваат организаторите на натпреварувањата во пресрет на новата натпреварувачка сезона, а се во директна поврзаност со мерките за заштита на здравјето на спортистите и спортските работници.

Спроти почетокот на новата натпреварувачка сезона и репрезентативните квалификациски натпревари, федерациите веќе изготвија свои здравствени протоколи одобрени од надлежните институции, но суштинската забелешка која присутните ја споделија, се однесува на различното толкување во однос на тестирањето и евентуалната потврда за присуство на вирусот SARS-CoV-2 (Covid-19) кај спортистите кои извршиле тестирање и начинот и постапката за евентуално одредување карантин или самоизолација на поединци, односно група на спортисти.

Генералните секретари од Националните федерации се согласија дека една од важните иницијативи која федерациите ќе ја предложат до надлежните институции е формирање на посебно, стручно тело во рамки на државниот орган за спорт, чија обврска би била комуникација, соочување и решавање на предизвиците и проблемите со кои се соочуваат федерациите и спортските тимови во услови на пандемија, сѐ со цел навремено да започнат националните првенства.

Претставниците на нашата, како и одбојкарската и ракометната федерација, истакнаа дека ситуацијата во која се наоѓаат е веројатно покомплексна во однос на фудбалот, бидејќи натпреварите се играат во затворен простор, но ги споделија речиси истите проблеми со кои се соочуваат во однос на тестирањето на играчите и официјалните лица, како и патувањата надвор од државата за клупски и репрезентативни натпревари.

Присутните изразија надеж дека државните институции треба да најдат начин да бидат и логистичка,па дури и финансиска поддршка во однос на почетокот на натпреварувањата и тестирањето на екипите.

Заклучоците од состанокот ќе бидат презентирани до здравствените власти во нашата држава и до државното тело за спорт.