22.03.2021

Германците се одлучија за Литванија, а Чесите за Полска

Германија и Чешка си одбраа „партнери“ за Евробаскетот

Од пред некоја година стана правило, земјите организатори на Европскиот шампионат, да ја имаат таа „привилегија“, во својата натпреварувачка група да имаат по една федерација т.н. „партнер“.

А во пресрет на Евробаскетот во 2022 година, две федерации-домаќини, германската односно чешката ги одбраа своите.

Националната федерација на Германија се одлучи во групата која ќе разигрува во Келн, тоа да биде Литванија, додека пак кошаркарската федерација на Чешка, за свој партнер во групата која ќе се игра во Прага, ја одбра, помалку и очекувано – Полска.

Европското првенство ќе се игра во периодот од 1. до 18.септември наредната година, а освен Германија, каде ќе се игра и завршницата од шампионатот, и Чешка, во улога на домаќини се уште и Италија односно Грузија. Мечевите во Италија ќе се играат во Милано, додека оние во Грузија, во Тбилиси.

„Партнерските договори станаа составен дел, и во минатото донесоа доста успеси на ФИБА Евробаскетот. Среќни сме што оваа традиција ќе продолжи“ – изјави Камил Новак, извршниот директор на ФИБА Европа.„Одиме напред во очекување на нови партнерства кои ќе бидат објавени наскоро“.