16.08.2024

Пред вечерашниот дуел со Португалија (18.30 часот, СРЦ „Кале“), и некои статистички податоци за нашиот кадетски национален тим

Ѓорѓевиќ е прв асистент, Терзиевски прв „крадливец“, а Цветковски трет стрелец на шампионатот

Пред нашите кадетски репрезентативци се уште два натпревари на ЕП од Дивизијата „Б“. Вечерашниот, против селекцијата на Португалија, кој е закажан за 18.30 часот во СРЦ „Кале“, и уште еден во кој противникот ќе го дознаеме по одигрувањето на овојм како и натпреварот во кој се среќаваат селекциите на Унгарија и Велика Британија, кои исто така се борат за пласман од 9. до 12.место на првенството во Скопје.

Статистичкиот поглед на досегашниот дел од турнирот вели дека добрите игри на нашата селекција „Под 16“ години имаат и други „покритија“ во оној индивидуален сегмент, исто така важен во крајното сумирање.

Имено, во овој момент, нашиот млад репрезентативец Григориј Ѓорѓевиќ е прв асистент на првенството. Во просек реализира по 5.8 успешни додавања до соиграчите кои го ставаат на лидерското место во овие статистички параметри.

ФОТО: Жарко Терзиевски (Македонија)

Заедно со Жарко Терзиевски, Ѓорѓевиќ котира на првата позиција и на листата на играчи со најголем број на освоени топки. Двајцата имаа по 17 на досега пет одиграни натпревари, односно просек од 3.4 по натпревар.

Од друга страна, Ѓорѓи Цветковски е трет стрелец на шампионатот. Бекот на македонскиот кадетски состав на пет одиграни натпревари има вкупно 93.поени, односно има просек од 18.6 поени.

Пред неговиот се само ефектите на Лоркан Бејли Мороу (Ирска), кој има 19.8, и лидерот во оваа категорија, Романецот Давид Јоан Расога, кој е на 20.3 поени.

ФОТО: Ѓорѓи Цветковски (Македонија)

Тимски гледано, Македонија е петтопласирана на листата на репрезентации со најголем број на реализирани поени. Во просек, избраниците на селекторот Александар Јованчев реализираат по 78.6 поени.

Води Романија со 91.3, пред Црна Гора која е на 80.3 и Белгија која има нешто пониски 80.2. поени по натпревар.   

Петти сме (заедно со репрезентацијата на Црна Гора) и на листата на екипи со најголем број на асистенции – по 16.8 по натпревар.

Уште повисоко котираме на листата на селекции со најголем број на освоени топки. Трети сме со просечни 14.4 освоени топки, а пред нас се само Романија (19.2) и Австрија (16.0).