16.02.2021

Асистент-тренерот во нашиот тим е оптимист, и верува во успех

Ѓорѓи Кочов: „Треба да бараме победа на секој натпревар“

Ѓорѓи Кочов е дел од стручниот тим на оваа наша национална селекција кој го креираше селекторот Александар Тодоров.И е исто така добро запознат со оној „тренажен дел“ и тоа како битен во реализација на планираните цели на турнирот во Перм, кој го стартуваме во четврток (од 15.30 часот) по македонско време со дуелот против лидерот на табелата „Б“, репрезентацијата на Италија.  

На распоред е третиот и последен дел од квалификациите, и најтешкиот, ако се земе в предвид дека нè чекаат четири натпревари на турнирот во Перм?

„Точно е, тука во Перм нè чека последниот прозорец, последниот дел од квалификациите за ЕП. Сигурно најтешкиот дел, ако се земе в предвид дека за пет дена треба да одиграме и четири натпревари. Меѓутоа мислам дека играчите се подготвени. Доаѓаат од натпреварувачка сезона, сите се во натпреварувачки ритам, и мислам дека можеме да издржиме“

Имаме мали промени и во оној ростер од кој треба да се најдат во протоколот на натпреварите во Перм?

„Имаме мали помени во ростерот. Меѓутоа, главните играчи ќе бидат исти. Тие играчи со години играат заедно или играле еден против друг, така што и многу добро се познаваат. Тие минијатурни промени нема вооошто да влијаат негативно врз нашата игра. Напротив, мислам дека ќе добиеме на квалитет“.

Како за така кратко време да се подготви тимот за напорите кои ги носи турнирскиот систем на натпревари?

„Тука нема многу филозофија околу тоа како да се подготви тимот. За така кратко време кое го имаме на располагање, не можеме да ги подготвиме играчите со нешто специјално, говорам за оној физички план. Клучен ќе биде распоредот на минутажата на играчите, во зависност од резулттот, и рекуперацијата односно опоравувањето после натпреварот.  

Верувам дека ќе издржиме, затоа што желбата да се најдеме на ЕП ќе биде поголема од било каков замор кај играчите. Мислам дека желбата и ќе пресуди дали ќе се најдеме таму. Навистина верувам, и сите во тимот веруваат дека можеме да се бидеме учесници на Европско првенство“.

Како протекнаа овие неколку дена од подготовките?

„Во најдобар ред. Во Скопје се работеше претежно на тактичкиот дел во напад, и тактиката во делот на одбраната. Каде што за така кратко време пробувавме да ја воиграме екипата, и сето тоа да изгледа како што треба на натпреварите во Перм“.

Можеме ли да стигнеме до целта, една победа против Естонија, двоцифрена по можност, и уште една против европските великани какви што несомнено се Русија и Италија?

„Сметам дека на секој натпревар треба да си ја бараме нашата шанса. Не треба да се сконцентрираме само на оној последниот, со Естонија. Бидејќи секој натпревар сам по себе е различен. Како за нас, така и за противниците. На секој натпревар треба да влегуваме максимално подготвени за да оствариме победа, иако воопшто нема да биде лесно. Без оглед на тоа што Русија и Италија имаат подмладени тимови, тоа се сепак квалитетни екипи.

Естонија, со ваков состав каков што се зборува дека ќе настапат ослабени, мислам дека имаме предност. Но имавме предност и во Скопје, меѓутоа, тензијата и императивот кој ни се наметна да се победи по секоја цена, мислам дека ни се одрази негативно. Едноставно кажано, на секој меч треба да бидеме максимално посветени, и во одбрана и во напад. И едноставно да се бара победа на секој натпревар“- вели Кочов пред она што следува во Перм, завршниот дел од квалификациите за пласман на Евробаскетот.