Од кошаркарскиот клуб „Крива Паланка" истакнаа дека признанијата се круна на една и пол децениска работа и доаѓаат токму во сезоната кога клубот одбележува свои 15 години постоење.
„Благодарност до КФСМ за доделените признанија, до сите кои го препознаа и вреднуваат трудот вложен во сите овие изминати години. Резултатите се немиовни кога макотрпно, посветено, непоколебливо стремите кон целта и во костец со сите предизвици ќе се нафатите да го одите патот кој не е ни малку лесен, патот кон градење нови млади кошаркарски генерации.
Во досегашните 15 години со опфат од над 3.000 млади кошаркарки и кошаркари од нашата школа произлегоа десетици репрезентативки и репрезентативци во младинските и сениорски национални тимови, а во женската кошарка го одржуваме континуитетот на врвни играчи кои го афирмираат клубот во национални и интернационални рамки.
Затоа, овие признанија се показател дека вреди да се работи и создава за младите. Имаме таленти, имаме капацитети, само треба максимална посветеност од сите чинители за да ја издигнеме на уште повисоко ниво женската кошарка“ - рече Ведран Белешковски, претседател на КК Крива Паланка по церемонијата на доделување на наградите за најдобрите во кошаркарскиот спорт за 2022 година.
Тој истакна дека клубот добива препознатливност и поддршка и во локалната заедница, преку приватниот сектор, како и од љубители на спортот и поддржувачи од земјава и странство, до кои упати благодарност.
„Благодарност до сите што нè подржуваат и сите членови на големиот „Тим Крива Паланка" кој е едно големо кошаркарско семејство, силно и сплотено“ - додаде Белешковски.
Признанието го прими младиот тренер во клубот, Виктор Петровски, кој е предводник и на првотимките и упати благодарност за поддршката од претседателот Ведран Белешковски , што му дава доверба како млад тренер да го покаже и развива својот потенцијал и да работи со кошаркарките што стремат кон нови заеднички успеси.