18.02.2017

ИЗЈАВИ ПО НАТПРЕВАРОТ ФЕНИ ИНДУСТРИ - МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ

Големо беше славјето во соблекувалната, но мораме да се смириме пред финалето

Фени индустри со помошта од домашната публика го елиминира ланскиот шампион од финалето на ЛИМАК Купот на РМ откако го совлада со 80-79 во вториот полуфинален дуел.

Анте Назор, тренер МЗТ Скопје Аеродром

- Им ја честитам сосема заслужената победа на Фени индустри. Тие одиграа многу добро, особено во последните неколку минути кога погодија 11 тројки. Ние го контролиравме натпреварот во првиот дел сè додека не ни се повреди првиот плејмејкер. Вчера останавме без Клоф, а денес без Ван Острум и сигурно дека нашата игра без двајца важни играчи не можеше да има нормален тек. Тука нè затекна противникот. Беше егал завршница и ние фактички примивме пет поени во еден ист напад со тројка и две слободни фрлања. Последниот напад не можевме попаметно да го одиграме. Морам да признаам дека Фени беше посреќен тим денес и уште еднаш, сакам да им ја честитам победата.

Даниел Кларк, играч МЗТ Скопје Аеродром

- Очигледно е дека сме разочарани со крајниот исход. Дојдовме со цел да победиме и да го освоиме Купот, но не успеавме во таа намера. Морам да им честитам на кошаркарите на Фени за одличната игра и да им посакам среќа понатаму во Купот. Нам ни преостанува да се фокусираме на АБА лигата каде нè чекаат три важни натпревари за опстанок, а потоа и во домашното првенство, каде ќе мора да ја одбраниме титулата и да се искупиме за елиминацијата од Купот.

Љупчо Малинков, тренер Фени индустри

- Сакам да им ја честитам победата на моите кошаркари, кои покажаа како се бори за својот тим. Го победивме по мене најдобриот тим во лигата и тоа не е мала работа. Покажавме карактер и се вративме од -11, -12, што е само по себе голема работа. Одлучивме последниот напад да го браниме, бидејќи не ни одеше шутот и за разлика од натпреварот против Берое, сега ни се посреќи. Утре ни следи мечот со Карпош Соколи, кој е неспорно многу квалитетна екипа, која игра АБА лига, но наша шанса може да биде тоа што можеби се уморни со натпреварите во регионалната лига.

Бобан Стајиќ, играч Фени индустри

- Одлично се чувствуваме, големо беше славјето во соблекувалната, но мораме да се смириме и со ладни глави да влеземе во утрешниот натпревар кој е најважниот за нас на овој турнир. Знаевме дека МЗТ е силен противник, имаат силни центри и обемна ротација. Денес почувствував дека можев да дадам мој придонес на натпреварот. Се обидов најдобро што можам и сето тоа на крајот се исплатеше