27.07.2024

„Не станува збор за некоја неспремност, кондициска, физичка, тоа момците и го покажаа на првата средба на првенството“–вели селекторот

Горан Андреевски по првиот успех на ЕП: „Спремни сме да се бориме против физички доминантните противници, а Ирска беше еден од нив“

Селекторот Горан Андреевски е задоволен од она што неговите избраници го прикажаа на премиерниот натпревар од првенството во Скопје на кој по голема борба беше совладана репрезентацијата на Ирска.

„И покрај тоа што одигравме далеку под очекувањата, и покрај тоа што направивме 30. технички грешки, остваривме добар резултат, односно победа. Сепак, мора да се земе в предвид дека ова беше  прв натпревар, пред кој возбудата кај играчите беше голема, би рекол, огромна, како и што беше желбата за победа.

Ја реализиравме првичната цел на овој прв меч на шампионатот. Извојувавме победа над Ирска, и тоа е најважниот момент. Секогаш е добро кога ќе се победи на почетокот на еден турнир во кој има голем број на натпревари за кратко време. Очекувам уште подобри игри од екипата во натпреварите кои следуваат“ – вели селекторот на нашата селекција „Под 18“ години.

Она што исто така го храбри селекторот на јуниорскиот национален тим е кондициската подготвеност, односно спремноста да се одговори на играта против физички посилниот противник, каков што несомнено беа Ирците.

„Во оваа прилика сакам да кажам дека моите зборови изречени во пресрет на првенството некои од медиумите ги имаат малку поинаку протолкувано.

Извесно, тука не станува збор за некоја неспремност, кондициска, физичка... Тоа момците и го покажаа на средбата со Ирска. Кога говорам за тоа, мислам за оној т.н. ‘сајз’, за ‘тело’, оние кои следат кошарка знаат за што зборувам, на физичка инфериорност, односко како ние ‘изгледаме’ во споредба со другите репрезентации. Впрочем нашата игра и е конципирана на многу трчање и кондициска подготовка. Да не се повторувам, кондиција, тоа е едно, а ‘изглед’, нешто сосема друго.

Факт е и тоа дека, проблемите кои ги имавме, пред се здравствените, низ подготвителниот период, условија да дојдеме до некоја констатација дека влегуваме на првенството со одреден хендикеп. Но тоа го оставаме на минатото, а токму овие стартни 45. минути ме уверија дека сме го надминале тој момент, односно дека како ќе одминува првенството ќе играме се подобро и подобро“.

Следен, сериозен предизвик е БиХ, вечерва од 18.30.часот во СРЦ „Кале“?

„Сметам дека станува збор за две приближно, слични репрезентации, и по карактер и според стилот на играње. Би рекол дека Босанците се во некоја минимална предност, затоа што вчера имаа полесен противник, се малку  поодморени во однос на нас. Но без оглед на тоа, очекувам да се надминеме себеси, и дека ќе пружиме доста подобра игра, дека ќе одиграме како што знаеме да играме, и дека ќе се радуваме на уште една победа“- гласат очекувањата на Андреевски пред вечерашниот втор меч од групата „Ц“ од ЕП од Дивизијата „Б“ за кошаркари „Под 18“ години.