Уште еднаш честа да заигра во првиот меч од новата сезона, покрај актуелниот шампион, Баскет Кам 2011, ќе има и ланскиот Куп-финалист – екипата на МЗТ Скопје Аеродром.
Горан Крстевски, шефот на стручниот штаб на екипата од Аеродром има свои размислувања пред првиот меч во сезоната во кој влогот е пехарот наменет за победникот во Суперкупот на Македонија „Драган Василов-Цевка“:
„Натпреварот ни доаѓа можеби и малку прерано, затоа што доцна влеговме во сала. Ние немаме одиграно ниту еден тренинг-меч, едноставно првпат ќе почнеме, ќе играме, со оглед на тоа дека ова ни е втора недела со тренинзи. Меѓутоа, не е страшно, фаворитот е одамна познат, тоа е Баскет Кам, и ќе гледаме да овој натпревар да го искористиме малку да видиме со кои играчи кадеи како во текот на годината ќе може да напредуваме, да работиме, и да се посветиме на нивниот напредок.
Имаме многу многу млад тим, две-три девојки се само полнолетни. Пред се, капитенот Марија Митева која ја задржавме од ланскиот ростер, и Сара Петровска, две девојки ‘повозрасни’, едната има 26 години, ќе бидат лидери на оваа екипа. Другите се многу млади и талентирани, неколку репрезентативки кои во следниот период ќе треба да покажат зошто клубот ги ангажирал.
Откако сум во клубот се обидувам да ја сменам перцепцијата на оној организациски дел, каде треба да се потпираме на домашни играчи, она што секогаш сум го зборувал, како во лигата и така и клубот мора да се посветиме на продукција на играчи, бидејќи и последниот преоден рок покажа дека скоро и нема домашни играчи во Македонија, за некои екипи можат да направат напор да се засилат за следната сезона.
Затоа, како што реков, ја менуваме перцепцијата односно треба да се потпреме на домашен квалитет, со малку поголемо трпение во тој т.н. ‘олимписки циклус’ од три-четири години, да добиеме квалитет во домашните играчи. А странците би дошле во предвид, само за да бидат дополнителен квалитит. Не како во минатото да се потпреме само на странските играчи, а домапните да бидат статисти.
Во моментов во екипата од 15, 16, понекогаш дури и 18 девојки на тренинг, што е добра слика за еден домашен женски кошаркарски клуб. Мислам дека оваа цела година ќе биде во знакот на давање на шанса на тие млади играчи, за да видиме во следните две, три години кој од нив ќе заслужат повеќе внимание
За нашиот противник во Суперкупот, баскет кам, нема што многу да се зборува, тоа е најквалитетен тим во моментов во Македонија. Би рекол дека победникот се знае однапред, иако никој не се предава пред натпреварот да почне, и секогаш секоја екипа оди на победа. Но за жал ситуацијата е таква во Македонија, екипа која (ќе) ги има во тимот Кметовска Димова, Адамовска е огромен фаворит, и друготе се речиси без шанси против нив. Располагаат со многу искуство, и едноставно уште сега ги прогласувам за комплетен фаворит во лигата. Се разбира сите имаат шанси, но ако сите се потпираат другите на домашен квалитет, Баскет кам е во голема предност.
Во иднина на сите други клубови ќе им биде примарна задача да создаваме домашни квалитетни играчи за да може, ете, во ова првенство, да парираме на Баскет кам. А нормално, во вториот дел, кога сите екипи ќе се засилуваат со странци, дури тогаш ќе видиме дали некој друг тим може да го изненади Баскет кам“- нагласува Крстевски пред првиот официјален натпревар во новата сезона.
Натпреварот во СРЦ „Кале“ стартува во 17.часот, ќе биде пренесуван на МРТ3, а влезот е слободен.