Јуниорската репрезентација беше единствената женска репрезентација за ова лето 2024 која зема учество на младинскиот континентален собир, дивизија Б. По неколоку селективни тренинзи, селекторот Горан Крстевски и неговите стручни соработници прозиваа на 1. јули. Беа одиграни и две пријателски средби пред настапот на првенството кое се одигра во Плоешти, Романија од 2. - 11. август.
„Задоволен сум од се околу подготовките како ги замисливме со времетраење, со почеток, со крај. Сè беше навремено околу подготовките и немавме никакви проблеми со местото на одржување на тренинзите ниту пак со термините. Како беше замислено, така беше и остварено. Сите активности околу нашата репрезентација, суплементација, навремени спортски прегледи, брзо организирање термини за некои девојки кои имаа повреда, инфекции, сето тоа беше во најбрз рок организирано и прегледите беа завршени.
Имавме можност да одржиме само два пријателски натпревари, во Босна и Херцеговина, на повик на нивниот селектор, во градот Бужим направивме два контролни натпревари.
Тимот кој настапи на Европското првенство можам да кажам дека од база од 60 девојки дојдовме до 40 девојки преку селективни тренинзи, посета на натпревари, финални турнири дојдовме до 22 девојки, па повторно низ една недела селективни тренинзи падна бројот на 16 девојки односно 15 пред самиот крај од кои ги одбравме финалните 12 кои настапија на ЕП. Тука мора да се спомне дека ја изгубивме Ања Начевска поради болест како и нејзината сестра која беше некое време отсутна поради контакт. Во еден потег ги изгубивме сестрите Начевски кои многу ќе ни значеа на ова Европско Првенство. Но млади се, времето работи за нив. Ања има уште едно Европско првенство до 18 години, а Мила има уште едно до 16 и две до 18 години така да ќе имаат што да покажат во годините кои се пред нив.
Девојките кои ги одбрав, последните дваесетина, се најдоброто кое во моментов го има македонската женска кошарка, без разлика што имаше шест – седум девојки кои се помлади по две, три па и по четири години, тие се најдоброто во моментов и стојам зад тоа дека се иднината на македонската кошарка. Јас бев минатото Европско Првенство ментор на селекторот Јелена Антиќ значи две Европски првенства за жени до 18 години сум присутен и добро ја познавам базата во македонската женска кошарка и тврдам дека отидов со помлад состав кој во иднина ќе има што да каже на следните првенства до 16 и до 18 години.
Во тие девојки мора да веруваме, само мора да им се обезбеди како и досега убав тренажен процес во клубовите, добра грижа од Федерацијата, навремени и добро организирани подготовки за репрезентацијата и се разбира турнири преку целата година.
Дел од девојките со мене настапија и на два турнир М16 во последните десетина месеци и исто така сум задоволен од тоа што го прикажаа и што го добивме како организација од Федерацијата за подготовка на тие два турнири. Се надевам дека и понатаму Федерацијата ќе организира турнири преку годината за М16 бидејќи јас сум матичен селектор на таа репрезентација и дека за следното првенство во М16 догодина ќе имаме два до три подготвителни турнири каде што ќе ја следиме формата на репрезентативките.
Од пласманот нормално никој не може да биде задоволен меѓутоа со оглед на тоа дека полека ја враќаме женската кошарка на мапа на Европа бидејќи имаше еден период кога нашите девојки не учествуваа на Европски првенства така да со овие две ЕП полека правиме база. Догодина ќе се учестува и на М18 и на М16 Европско првенства и полека создаваме поконкретна база од девојки кои се надевам ќе го зголемат квалитетот со своето присуство во домашните лиги во младинските лиги и во Првата лига.
Околу соработката со Федерацијата немам никакви забелешки, се ми беше овозможено навреме, се што побарав и лани со Јелена Антиќ и оваа година со м ојот стручен штаб се што замисливме од сала, термини, нагледни средства, здравствени прегледи, прегледи за повредените играчи така да околу целата таа организација околу нашите подготовки немам никаква замерка и треба така да се продолжи ако сакаме девојките да напредуваат, да работат во добри услови да пружат се подобри резултати во иднина.
Сакам да се заблагодарам на својот стручен штаб, асистентот Методија Бешлиовски кој беспрекорно ја заврши својата работа. Исто така голема благодарност до Јана Петрова која по сугестија на Федерација требаше да ни се приклучи како млад студент на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и да и помогнеме да се заљуби едноставно во оваа работа и да планира во иднина да стане тренер. Ние навистина имаме недостаток на женски тренери и во иднина се надевам како неа многу други поранешни кошаркарки или студенти ќе сакаат да земат учество и да гледаат одблиску како течат едни подготовки на една репрезентација.
Голема благодарност и до докторот Мазневска и до физиотерапевтот Никола Арсиќ кои беспрекорно ја завршија работата, беа премногу точни и прецизни во санирање на повредите во подготовката за натпреварите така што не се судривме со поголем број на повреди“ - заврши селекторот на јуниорската женска селекција.