09.07.2025

„Очекувам максимално залагање, каков ќе биде пласманот, ќе видиме на крај“ – вели селекторот на младинците пред заминување за Ерменија

Горан Самарџиев пред почетокот на Европското првенство: „Да го дадеме максимумот за Македонија“!

Нема да им биде воопшто лесно на избраниците на селекторот Горан Самарџиев. Пред се, затоа што ждрепката за натпреварувачките групи ги „смести“ во единствената во која има шест национални селекции, бара натпревар плус и поголема „потрошувачка“ на енергија во обидите да се дојде до некој добар резултат.

Селекторот Горан Самарџиев го анализира сработеното во изминатиот период:

„Направивме добри подготовки за Европското првенство каде имавме одлични услови за тренинг, само со еден хендикеп, а тоа е квалитетни пријателски натпревари. Но што е, тука е, и нема назад, одиме да се покажеме во најдобро светло“ – кажа Самарџиев непосредно пред заминувањето за Ерменија.

Македонските младинци се дел од групата „Ц“ која според „звучноста“ може да се определи како доста изедначена, без некој изразит фаворит, што отвора можност нашиот тим „Под 20“ да влезе во битка за оние први две места кои водат во четвртфиналната фаза од првенството во Ерменија.

„Предност на оваа селекција е тоа што овие момци се познаваат и играат неколку години наназад заедно. А освен тоа, голем дел од нив ќе играат и следната година, а тоа значи дека се година дена ‘помали’ од другите, што е добро за искуство и напредок за следната година. Групата е доста силна, еве на пример Швајцарија У19, е во осумтте најдобри на светското првенство за таа возрасна категорија. Наша предност треба да биде колективната игра и секако големата желба за докажување“.

Сигурно е дека нашите момци може да бидат конкурентни во друштво на тимови како Швајцарија, Австрија, Холандија, Грузија, Данска...

„Крајниот дострел ќе го видиме после 20.јули. Ќе одиме од натпревар по натпревар. Најбитно е играчите да даваат максимум за Македонија па што биде, нека биде. Како што кажав и пред тоа, очекувам максимално залагање а каков ќе биде пласманот ќе видиме на крај“.

На почетокот од шампионатот во Ереван, за противник ја имаме селекцијата на Холандија?

„Немаме некои информации за Холандија, но секогаш е одлична на првенствата со физички јаки играчи. Чекаме да го објават конечниот состав па ќе ги анализираме играчите, прво поединечно, потоа и тимски“ – порачува селекторот на младинскиот национален тим во пресрет на предизвикот кој што со себе го носи настапот на Европското првенство за кошаркари „Под 20“ години.

СИСТЕМ ЗА НАТПРЕВАРУВАЊЕ

Без некои промени, би се рекло стандарден, кога станува збор за овие натпреварувања.

Селекциите се поделени во четири групи (три со пет, и една со шест) од кои првопласираните две од секоја група ќе обезбедат пласман во ТОП 8 фазата, односно онаа преку која ќе се бараат идните учесници на ЕП од Дивизијата „А“ во оваа возрасна категорија. 

Во вториот дел кој почнува на 18.јули, ќе се играат елиминациски натпревари според системот (А1-Б2, Д1-Ц2, Б1-А2, Ц1-Д2). Четирите победници во четвртфиналето, обезбедуваат пласман во полуфиналето, поразените ќе разигруваат за пласман од 5. до 8. место.

Националните тимови кои првата фаза ќе ја завршат на третото односно на четврттото место ќе играат за пласман од 9. до 16. место, додека пак оние кои ќе бидат петто односно шестто пласирани ќе разигруваат за позициите од 17 до 21.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА

Нашата машка младинска репрезентација ќе го почне натпреварувањето на овој евро-шампионат на 11. јули (петок), од 10.30 часот, кога во спортско-музичкиот комплекс „Карен Демирчиан“ во Ереван, следува натпреварот против селекцијата на Холандија.

Наредниот ден, на 12. јули, од 19.часот, Македонија ќе игра против селекцијата на Австрија, a на 13.јули (од 14. часот), за противник ја имаме Грузија.

По еден ден одмор, на 15.јули, нашите младинци ќе ги одмерат силите со селекцијата на Швајцарија, во натпреварот кој е закажан за 10.30 часот, а оваа прва фаза од првенството во Ерменија ќе ја затвориме на 16.јули, од 16.30 часот, кога Македонија игра против репрезентацијата на Данска.  

НАТПРЕВАРУВАЧКИ ГРУПИ

ГРУПА А: Словачка, Велика Британија, Хрватска, Португалија, Бугарија;

ГРУПА Б: Ирска, Ерменија, Црна Гора, Естонија, Летонија;

ГРУПА Ц: Швајцарија, Австрија, МАКЕДОНИЈА, Холандија, Грузија, Данска;

ГРУПА Д: Косово, Албанија, Турција, Шведска, Унгарија;

 

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

ГРУПА Ц

11. ЈУЛИ (ПЕТОК)

09.00: Данска – Швајцарија

10.30: МАКЕДОНИЈА – Холандија

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/cftYUSj_rr8?si=VsWWaXcU1tsGdzfp

15.30: Грузија – Австрија

12.ЈУЛИ (САБОТА)

10.30: Швајцарија – Грузија

15.30: Холандија – Данска

19.00: Австрија – МАКЕДОНИЈА

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/sRJKefifR90?si=YQOiS0Xq8FcKYuDa

13.ЈУЛИ (НЕДЕЛА)

14.00: МАКЕДОНИЈА – Грузија

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/6_vXyWID-Zw?si=6FRMr0tOHepxSVJs

16.30: Холандија – Швајцарија

19.00: Данска – Австрија

14.ЈУЛИ - СЛОБОДЕН ДЕН

15. ЈУЛИ (ВТОРНИК)

10.30: Швајцарија – МАКЕДОНИЈА

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/2-XqcZSSyvU?si=XDJRrowMpQ4dIkT6

14.00: Австрија – Холандија

16.30: Грузија – Данска

16.ЈУЛИ (СРЕДА)

15.30: Австрија – Швајцарија

16.30: Данска – МАКЕДОНИЈА

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/j3u7IyTHW7Q?si=7qQk4VHJpCxwLpqP

19.00: Холандија – Грузија

*Натпреварите се играат во комплексот „Мика спортс“ и спортско-музичкиот комплекс „Карен Демирчиан“ во Ереван

 

МАКЕДОНИЈА „ПОД 20“ НА ЕП ДИВИЗИЈА „Б“ ВО ЕРМЕНИЈА

0. Сергеј Младеновски бек       185см.          2006  Вардар

2. Ангел Кечовски бек     194см.  2005           Оукленд (САД)

3 Бојан Величковски       бек     196см.          2006  МЗТ Скопје Аеродром

6. Ангел Стојанов бек      183см.          2005 Ангели

8. Јордан Кузманов          крило            201см.          2006  Кожув

10. Димитар Зетов            бек     187см. 2006            МЗТ Скопје Аеродром

11. Коста Ќириловски      крило 200см. 2006 Игокеа (БиХ)

12. Исак Муареми            крилен центар       206см. 2005 Монтебелуна (Ита)

23. Марко Луканоски      центар           207см.          2006  Игокеа (БиХ)

24. Грегориј Јакимовски бек     192см.          2005  Виртус Валмонтоне (Ита)

34. Павел Иванов крило             203см.          2005 Бартон Колеџ (САД)

42. Стефан Стојковиќ крило      200см.          2006  Феникс 2010

СТРУЧЕН ШТАБ

СЕЛЕКТОР: Горан Самарџиев

АСИСТЕНТ-ТРЕНЕР: Душко Јаковчески

АСИСТЕНТ-ТРЕНЕР: Владимир Николовски

КОНДИЦИСКИ ТРЕНЕР: Трајче Стојанов

ФИЗИОТЕРАПЕВТ: Никола Арсиќ

ДОКТОР: Дарко Гогов