03.06.2020

„Ми недостасува тоа. Желбата за игра, за победа, адреналин и исчекување да се докажеме како репрезентација“- признава младиот кошаркар

Горазд Величковски: Да се вратиме побрзо, и да влеземе во оној секојдневен кошаркарски биоритам!

Беше стандарден член на првата, или стартна, петорка на нашата кадетска репрезентација на ланскиот Евробаскет М16 во Италија, а во таа насока беа и неговите бројки на шампионатот во Удине.

Горазд Величковски дефинитивно ја оправда довербата на селекторот на овој наш национален тим Денис Дервишевиќ.

И не само во „црвено-жолтиот“ дрес, туку и во оној на боите на Феникс 2010. Клубот во која ова момче од Крива Паланка, собра веќе пет-шест години.

Нешто налик на почетоците на кариерата која ја реализира неговиот сожител од ова погранично гратче, Андреј Јакимовски.

И не е ништо ново ако уште еден млад претставник на македонската кошарка, потврди дека оваа преголема пауза во сезоната предизивикана од корона вирусот, го тргна од фокусот на вниманието. Му го наруши оној стандарден кошаркарски „биоритам“ и го оддалечи, и тоа доста, од планираните активности за оваа сезона.

„Ми недостасува. Многу ми недостасува баскетот, посебно оној адреналин на паркетот. Едноставно, ми недостасува кошарката.Тоа е еден биоритам реализиран со години наназад. И сега одеднаш ти се менуваат навиките. Во последните 5-6 години колку што сум во Феникс 2010 и во Скопје, никогаш подолго не сум седел дома, во Крива Паланка. Но, не сум пасивен. На почетокот, часовите во кои ни беше дозволено движењето, релацијата ми беше трчање до манастирот Јоаким Осоговски. Крива Паланка има места и природа каде може да ја одржуваш кондицијата, а притоа да ги запазиш мерките. Секојдневно тренирање на кош, трчање по 7-8 километри и онлајн вежбите по инструкции на тренерот Денис Дервишевиќ, кој не се откажува од нас ниту во едни вакви услови. Единствено позитивно во сето ова е што сум со моето семejство, бидејќи во овие неколку години како да се одделив од нив“- појаснува Горазд за актуелниот момент во кој се најде, не само тој, туку комплетниот кошаркарски спорт.

Оваа сезона, за првпат во кариерата почувствува како е да се игра сениорска кошарка?

„Од мал, ако не бев на тренинг, бев пред ТВ и гледав кошаркарски натпревари. Им се восхитував на играчите и постојано мечтаев еден ден да достигнам еден таков стадиум. Чекор по чекор соништата ги живееме, ако веруваме во нив. Сениорската кошарка за мене беше уште еден чекор напред. Ново искуство, гледаш дека веќе влегуваш во некои посериозни води. Се носиш со играчи кои имаат поголеми кошаркарско искуство“.  

Како си задоволeн од оваа сезона, прекината поради „виша сила“?

„Само едно сакам да кажам во врска со тоа. Со тренер како што е Денис Дервишевиќ не можеш да се задоволиш со едно просечно натпреварување. Едноставно, неговата амбиција и љубов кон кошарката толку вешто ја пренесува на нашиот тим и во сениорската кошарка, што не можеме да се задоволиме со еден просечен резултат. Целта ни беше успешна сезона и влез во Првата лига“.  

Поради пандемијата нема да го играте ЕП?

„И тоа е еден дел од биоритамот што го имав четири лета назад. Подготовки цело лето, тренинзи, натпревари. Ми недостасува тоа. Желбата за игра, за победа, адреналин и исчекување да се докажеме како репрезентација. Да бидеме запазени со своите успеси. Ама што е - тоа е. Имаме време, млади сме. За да бидеме дел од една здрава генерација треба да го зачуваме здравјето, животот е пред нас“.   

Како понатаму, кои се твоите идни планови откако ќе се нормализира ситуацијата?

„Враќањето во интернат, учење и тренинзи, напорни тренинзи. Клубот ми е тој, Феникс 2010. Играње Втора или Прва лига, и ако даде Господ, успеси со репрезентацијата.Тоа е сè, чекор по чекор ама никако не - потклекнување. Со упорност и напорни тренинзи да си ја постигнам потцртаната цел. Да бидам кошаркар во вистинска смисла на зборот. И да ја оправдам жртвата на моите родители“- посакува Величковски.