14.01.2020

Овој викенд во Скопје, ќе видиме уште едно добро познато лице на македонската кошаркарска сцена

ГОСТИ – ПРЕДАВАЧИ НА ТРЕНЕРСКИОТ СЕМИНАР: Босвел го носи шмекот на НБА во Скопје

Во овој момент Џеремаја Босвел работи како консултант во канцеларијата на НБА лигата, а исто така е и партнер во „фабриката за знаења“ (The Skill Factory), во неговата „база“ Атланта, во Џорџија.

 

Овој викенд во Скопје, ќе видиме уште едно добро познато лице на македонската кошаркарска сцена.

Некои го паметат како играч на АБА Струмица, други пак како еден од најдобите шутери во редовите на Торус СЦБТ.

Сега, Џеремаја Босвел доаѓа во Македонија. Но со една малку поинаква улога.

Да им даде неколку тренерски уроци на македонските колеги...

Овојпат, синокосиот Американец се одлучи за некои практични примери. Односно одбра комплекс вежби за работа со најмладите возрасни категории, односно играчите „Под 10“, „Под 12“, и „Под 14“ години.

Како мало потсетување, претходно, нашиот гостин за време на претстојниот викенд (18. и 19. јануари), пред да ја продолжи својата школска односно играчка „надградба“ на Универзитетот Колумбија во Њујорк, бил прогласуван за најдобар играч во регионот на Џорџија.

Кога станува збор за неговата професионална кариера, 38. годишниот тренер ја стартува во Бразил, поточно во екипата на Гуаруха.

Нaредните две сезони ги минува на Балканот, и тоа како играч на бугарскиот Сливен.

А потоа следува оној „македонски дел“ од неговиот играчки пат. Го води кон Струмица, каде во периодот од 2010 до 2011 година настапува за екипата на АБА Струмица.

Неговите добри игри не останаа незабележани ниту од раководството на Торус СЦБТ чиј дел беше во наредната натпреварувачка сезона 2011/2012. За жал и последната играчка во неговата кариера.

Пресуди неговата желба да му се посвети на тренерскиот занает. И тоа одново во Атланта, каде стана еден од основачите на „ТСФ“ програмата со која се опфатени играчи кои сакаат индивидуален напредок во својата кариера, и оние пак кошаркари кои се подготвуваат за пријава на НБА драфтот.

Паралелно со тоа, Босвел влезе и во светот на НБА, а првите обврски ги реализираше со присуство и предавања на семинари кои се одржаа во Кина односно во Индија.

БИО

Џеремаја Босвел - Jeremiah Boswell

Роден на 6.октомври 1982 година во Салсбури – Северна Каролина

Националност – Американец

Средно училиште: Пикенс – Џорџија

Колеџ: Колумбија (2001-2005)

ИГРАЧКА КАРИЕРА (2005-2012)

НБА драфт: 2005/недрафтуван

2006–2007  АД Гуаруха (Бразил)

2007–2009  БК Сливен (Бугарија)

2009  МГС Гранд Саконекс (Швајцарија)

2010  Хонг Конг (Винлинг)

2010–2011  АБА Струмица (Македонија)

2011–2012  KK Торус СЦБТ (Македонија)