Мерит Хемпе одигра уште еден одличен натпревар за нејзиниот нов клуб, Несибе Ајдин, но тоа не беше доволно за турскиот претставник да ја помине првата елиминациска фаза од ФИБА Еврокупот во женска конкуренција.
Шпанската Сарагоса, интересно, екипата каде лани настапуваше нашата репрезентативка, го доби и вториот од двата натпревари за пласман во 1/16 финалето од ова натпреварување. Славеше фаворитот со (72:67), што е нивна втора победа во серијата доволно за пласман во следната, осминалфинална рунда од Еврокупот.
Останува фактот дека Хемпе беше најдобриот играч во гостинската екипа. Силната Американка со македонски пасош реализираше 20.поени (2/2 за три, 5/11 за два и 4/6 за еден поен), а имаше и осум скока, три асистенции за 37:32 минути во игра.
Пред Новогодишните празници Хемпе изненадувачки ја напушти екипата на УСКА Прага, и се пресели во редовите на турскиот евро-претставник Несибе Ајдин, каде го покажува сиот свој квалитет, кој очекуваме да го пренесе и во нашиот женски сениорски тим на претстојните натпревари од февруарскиот ФИБА „прозорец“, оние против селекциите на БиХ и на Белгија.