Една лоша четвртина ја однесе победата... Не го наградивме со победа полното гледалиште во А1 Арената „Борис Трајковски“... Славеа гостите од Балтикот со (81:72)...
Македонија – Естонија 72:81
(18-20; 5-25; 23-15; 26-21)
Со преголем грч влегоа нашите момци на стартот на овој прв квалификациски меч за ЕП 2021.
Никако не успеваа да го пронајдат оној посакуван, оној вистински ритам, пред се во нападот. Барем до моментите кога во свој поентерски елемент не влегоа оние кои играа најмногу во тој прв период од играта. Капитенот Војдан Стојановски и Шејн Витингтон, кои искомбинираа 13 од крајните 18 поени за нашата селекција.
И веројатно сосема прифатлив беше оној минус од два поени (18:20) кој го имавме во првата четвртина.
Пред се затоа што некако им дозволивме на Естонците да го наметнат оној свој препознатлив стил на игра, со многу шутеви од далечина, иако покажаа и физичка доминација. Имаа неколку офанзивни скокови со кои ги „покрија“ нереализираните обиди од далечина.
Не почнавме добро ниту во вторито период од играта. Со седум поени по ред готите од Балтикот се одлепија резултатски. Имаа највисоки девет поени преднос (27:18), по што мораше да реагир селекторот Александар Тодоров.
Повторно имавме проблеми во офанзивниот сегмент. Имавме само (1/9) во обидите вредни три поени. Зачестија и грешките, неколку во серија.
Публиката во полната А1 Арена го препозна тој „момент“. Со повици „Македонија, Македонија“, со една дополнителна енергија оние повеќе од 5.000 присутни се обидоа да ја подигнат играта на „црвено-жолтите“ кои беа без поени од игра цели четири минути.
Естонците знаеја да го искористат тоа, за продолжение на серијата на (11-0) со која „подигнаа“ и на плус 13 (31:18).
На половината од четвртината ја броевме само тројката на Крстевски за -10 (21-31). Некоја минута подоцна, по новата серија на Естонците (10-1), бевме уште “подалеку“, (22:41).
Четвртина за заборав, во вистинска смисла на зборот, во која изброивме само пет поени (тројка на Крстески и по еден поен на В. Стојановски и Магдевски), противникот дури 20.повеќе, за повеќе од убедливо, скоро двојно водство на одморот, (45:23).
Сликата во „Борис Трајковски“ во второто полувреме беше променета. Многу повеќе беше застапена црвената боја – македонската.
За нешто повеќе од три минути, имавме своја серија од (16-5), по која сериозно се доближивме, на (39:50).
Она што е битно е тоа дека „се отворија“ Дамјан Стојановски и Димитријевиќ, покрај Војдан Стојановски и Витингтон кои веќе беа „двоцифрени“ со 12, односно 10.реализирани поени.
Но уште поважно, беше подигнат степенот на агресивност во одбраната.
На средината од третиот дел, уште еднаш дојдовме на минус од десет поени (43:53).
Застанавме, макар и на момент, но во таа четвртина дадовме исто толку поени колку во претходните две – 23.
И „симнавме“ добар дел од водството на Естонија, кое изнесуваше сепак високи 14.поени (60:46), пред влезот во четвртината на одлука.
По трет пат стигнавме до „магичната граница“ од десет поени (58:68), но никако под неа, едноцифрената. Постојано имаше некој естонски кошаркар кој не го дозволуваше тоа. Погодуваше за комотна позитива, најчесто Куламае (22.поени), следен од Вене (14).
Ја „пробивме“ со поените на одличниот (во второто полувреме) Димитријевиќ (62:70). Но „трчањето“ по резултатот си го зема данокот. Останавме без енергија за оној завршен удар, па Естонија ги однесе во Талин двата бода.
Комплетна статистика од натпреварот ТУКА.
Инаку на вториот натпревар одигран во групата „Б“, помалку изненадувачки, видно изменетиот состав на Италија славеше убедлива победа против Русија. На мечот одигран во Неапол, младиот состав на аѕурите победи со резултат (83:64), а комплетната статистика од тој меч ТУКА.