11.11.2017

Храбра игра, пораз од Италија

Македонската репрезентација во сениорска женска конкуренција по три години отсуство од активности заигра во квалификациите за Евробаскет 2019. Нашите репрезентативни кошаркарки, предводени од Марјан Лазовски и Стојна Вангеловска на клупата, и се спротивставија на моќната Италија и и покажаа што може да направи една селекција во која борбеноста и желбата за победа и за докажување е на највисоко ниво. Не смее никако да се изземе и тимската хемија кој придонесе за одличната комуникација на теренот и играта на кошаркарките.

Италија ги реализира првите поени, но потоа следеша наша импресивна серија за преземање на водството. Во текот на првиот период си го предававме водството наизменично. Во вториот период, гостинската селекција ја зголеми предност што ја одржуваше до крајот, се до конечни 52-61 односно 14-19, 11-14, 13-11 и 14-17 по делници.

За нашата селекција во листата на стрелци се запишаа Софија Лазареска со 2 поени, шест скока и две асистенции, Ивана Кметовска со 10 поени, девет скока и една украдена топка, Криси Гивенс постигна 22 поена, шест скока, три асистенции и две украдени топки, капитенот Анџелика Митрашиновиќ  постигна 14 поени, 4 скока, 4 асистенции и една украдена топка, Нена Трајчевска запиша шест поени зад своето име, осум скока, една асисенција и една украдена топка.