Кошаркарите на Хувентуд го загубија дуелот на домашен терен против Валенсија, но ќе бидат дел од завршниот турнир од „Купот на кралот“ кој оваа година ќе се игра во Мадрид.
Согласно со пропозициите, во периодот од 11. до 14. февруари, осумте најдобри екипи по истекот на првиот дел од Лига „Ендеса“ ќе се борат за првиот трофеј во сезоната.
Пред одигрувањето на неколку одложени натпревари, досега се познати седум екипи учесници на овој собир во главниот град на Шпанија. А за последното осмо место својата шанса (ќе) ја бараат екипите на Уникаха и Манреса, додека само теорија има екипата на Мурсија.
Според пласманот, првопласираните четири екипи, Реал Мадрид, Барселона, Тенерифе, и најверојатно Басконија (ако во одложениот меч биде подобра од Уникаха) ќе бидат „привилегирани“ во ждрепката за четвртфиналето во кое свое место, во „долната половина“ од ждрепката, освен Хувентуд, обезбедија уште и екипите на Валенсија и на Бургос.
Посебно важно и за нашиот национален тим, особено ако се земе в предвид дека ова ќе бидат и дополнителни клупски обврски за Ненад Димитријевиќ.
Нашата најдобра селекција од 18. до 22. февруари ја чекаат четири квалификациски натпревари кои ќе се играат во Перм. Оттука, ако се биде како што треба, извесно е дека нашиот млад репрезентативец по завршувањето на „Купот на кралот“, ќе треба да патува директно во Русија и таму да им се приклучи на репрезентативните соиграчи во обид да се стигне до место кое води на Евробаскетот во 2022 година.