Во шпанската пресметка од второто коло од ТОП 16 фазата од Еврокупот, Уникаха беше подобра од составот од Бадалона (90:84). Одлично второ полувреме за нашиот млад репрезентативец...
Хувентуд беше подобар од Морабанка Андора во првото коло од ТОП 16 фазата од Еврокупот. Но тимот од Бадалона не успеа да изненади во втората шпанска пресметка од ова натпреварување.
Во второто коло од групата „Х“, Ненад Димитријевиќ и Хувентуд загубија од Уникаха. Во Малага беше (90:84) за екипата која важи како еден од топ фаворитите за освојување на пехарот.
Инаку, Уникаха имаше сосема солидна предност на полувремето. Пред својата публика во „Мартин Карпена“ Арената, водеше со резултат (44:31).
Полувреме во кое Хувентуд имаше лоша прва четвртина (12:22), а Димитријевиќ одигра помалку од осум минути. И реализираше два поени, исто толку загубени топки и едно додавање.
Во третиот дел ги погоди двата удари од поле, не и оној вреден три поени. Дојде до бројката од седум поени. Но и не застана тука, напротив...
Нашиот млад репрезентативец стана и најефикасниот играч во гостинската екипа. Застана на бројката од 16.реализирани поени (6/8 за два и 4/4 за еден поен), плус и четири успешни додавања, еден скок и три загубени токи за 21:41 минути на теренот во Малага.
По две одиграни кола, Хувентуд има половичен ефект (1-1),а во наредното го чека дуел на свој терен, со екипата на Тофаш од Бурса.