19.06.2020

Ненад Димитријевиќ дојде до ефект од 11. поени, седум асистенции и два скока во триумфот (86:79)

Хувентуд подобар од Билбао, ги задржа шансите за полуфинале

Во дуелот од 25. коло од шпанската „Ендеса“ лига, или второто од завршниот турнир во Валенсија, кошаркарите на Хувентуд се сретнаа со екипата на Билбао баскет.

Откако во регуларниот дел беше нерешено (73:73), тимот на Ненад Димитријевиќ стигна до првиот триумф на собирот во Валенсија.

„Црно-зелените“ од  Бадалона славеа со (86:79).

Македонскиот репрезентативен бек не почна во стартната петорка. Во првото полувреме комплетираше 11:40 минути. Реализираше пет поени (1/2 за три и 1/2 за два поени), три успешни додавања и еден скок.

Хувентуд беше во минус од два поени, (43:45).

Со серијата од (13-3), во првите пет минути од последната четвртина, Хувентуд направи пресврт, и поведе со (63:59), но до крајот на регуларниот дел, Билбао се избори за продолжение од пет минути во кое Хувентуд победи и остана во игра за првите две места кои водат во полуфиналето.

Бекот на Хувентуд заврши со ефект од 11. поени (1/4 за три, 3/7 за два и 2/2 за еден поен),  седум асистенции, два скока и пет загубени топки за 30:43 минути во игра.

Во третото коло од турнирот од групата „А“, или 26. според програмата на „Ендеса“ лигата, во недела од 18.30 часот, Хувентуд ќе игра против екипата на Уникаха од Малага.