Натпреварите од претстојниот турнир од квалификациите за Евробаскет 2022 година, кои се најавени во Талин, ќе се играат без присуство на публика.
Вака гласи одлуката на Владата на Естонија која го прифати предлогот на министерот за култура Тонис Лукас, за забрана на присуство на поголеми групи во затворени објекти.
Вклучително и на предвидените четири средби од „Б“ квалификациската група од ЕП 2022 година. Две од нив на кои ќе игра и нашата најдобра сениорска селекција.
Иако првичните најави беа дека ќе биде дозволен одреден, лимитиран број (250) на гледачи во Арената „Саку Сурхал“, сепак, сега и дефинитивно е јасно дека Естонците ќе ја загубат предноста која со себе ја носи играњето на домашен терен (со публика).
Естонската федерација објави дека во рок од седум работни дена ќе им ги врати парите на оние љубители на кошарката кои имаа купено влезници за квалификациските мечеви.
Како делумна компензација, од естонската федерација потврдиле дека е обезбеден пренос во „живо“ на локалните ТВ канали, TV6 и TV3 Sport.
На 30. ноември, од 19.30 часот, против домаќинот Естонија, селекцијата на Македонија го игра можеби и клучниот меч за пласман на наредното Европско првенство кое ќе биде организирано во четири различни држави: Италија, Германија, Чешка и Грузија.