07.02.2020

И САКЕТИ ГО СКРАТИ СПИСОКОТ: И МЛАДИТЕ НА ДЕЛО ВО НЕАПОЛ И ТАЛИН

„Зелена линија“, не само на зборови, туку и на „дело“. Селекторот на Италија, Ромео Сакети го скрати првичниот список на играчи за претстојните дуели од квалификациите за ЕП 2021, на кој има доста млади кошаркари.

 

Шефот на азурниот тим остана на ставот дека овој квалификациски циклус во кој Италија игра вон конкуренција (поради тоа што е еден од ко-организаторите на наредниот Евробаскет 2021), ќе го искористи за „префрлање“ на некои играчи од младинските селекции во онаа најсилната-сениорската.

На листата од 16.имиња, планирана за дуелите со Русија, на 20. февруари во Неапол, и во Естонија три дена подоцна во Талин, популарниот „Мео“ го остави веројатно во овој момент и најталентираниот Италијанец, Матео Спањоло, играч на Реал Мадрид, роден 2003 година.

Прв повик доби и Џордано Бортолани, играч од „Класата 2000“, но и Франческо Кандуси, кој досега нема настап ниту во Серија А.

Од популарно наречените „сенатори“, фигурира само името на Амедео Теситори, единствениот кој играше за Италија на Светскиот Куп во Кина 2019 година. Па сега просекот на години на овој тим падна на бројката 24.

„Почнува новата фаза. Ја искористивме приликата во овој квалификациски ‘прозорец’ да видиме неколку нови играчи, и да им дадеме шанса да дојдат до искуство потребно за повисоко ниво на натпреварување. Вклучивме неколку млади момци, но и неколку играчи од лигата кои ги следиме со месеци, а кои имаа(т) константни перформанси. Идејата е да ја зголемиме бројката на играчи кои можеме да ги користиме за оние големи натпреварувања во блиска иднина, како што се, на пример, оној претквалификациски турнир за Олимпијадата во Токио ова лето“- појаснува Сакети.

 

Во италијанскиот тренинг-камп кој ќе биде отворен на 17.февруари во Неапол, остануваат: Никола Акеле, Филипо Балди Роси, Џордано Бартолани, Франческо Кандуси, Андреа Де Николао, Симоне Фонтекио, Андреа Мезаноте, Андреа Пекиа, Џампаоло Ричи, Микеле Рузиер, Матео Спањоло, Амедео Теситори, Марко Спису, Стефано Тонут, Леонардо Тоте, Микеле Витали