02.05.2023

Одличната шутерска вечер на репрезентативниот двоец му донесе водство на МЗТ Скопје во серијата со Кожув

ИДЕАЛНА ПЕТОРКА-ЧЕТВРТФИНАЛЕ-1: Браќата Стојановски го чуваа(т) шампионот

Возбудлив почеток на плеј-офот, во кој е виден еден резултатски „брејк“ на гостинските екипи... Но и одлични индивидуални остварувања...

ВОЈДАН СТОЈАНОВСКИ (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)

Беше вистинскиот лидер на првакот во дуелот во кој Кожув најави големо изненадување. Но токму по заслуга на репрезентативниот капитен, МЗТ Скопје остана непобеден во Аеродром.

Го одигра својот најефикасен натпревар во сезоната, кој го заокружи со реализација на 29.поени. Со високи 72% на реализација во обидите за два поени (8/11) и максимални 10/10 од линијата за слободни фрлања. Освен тоа за 33.минути во игра додаде и седум скока, четири асистенции, но и исто толку освоени и само една загубена топка.

Сето тоа доволно за 38. индексни поени, највисокиот скор од играчите кои се дел од плеј-офот.

ГИОРГИ КОРСАНТИА (ГОСТИВАР)

Ништо ново кога се зборува за игрите на Грузиецот во ростерот на Гостивар. Против Работнички, остана на теренот сите 40.минути. И заморот не му посмета да биде првото име во победничката екипа. Дојде до уште еден двоен учинок, сега изразен преку реализација на 26.поени (1/4 за три, 19/13 за два и 3/3 за еден поен), 14.скока (три од нив офанзивни), како и по две асистенции, две освоени и две загубени топки, или индекс 36!

ДАМЈАН СТОЈАНОВСКИ (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)

Дамјан одигра некоја минута помалку во однос на Војдан, но и тоа не му посмета да биде на нивото на својата капитенска улога во МЗТ Скопје Аеродром. Кога требаше, погодуваше. Даде пет тројки (од седум обиди), имаше 72% на реализација во обидите од поле за 31:18 минута во игра. Се заедно, 21.поен, плус и највисоки, девет скока кај „сино-белите“ на оваа средба во која оствари и две додавања до соиграчите, една освоена, загубена топка и блокада – и индекс 29. 

АНДРЕЈ МИТРЕВСКИ (ФЕНИКС 2010)

Скратениот ростер на тимот му даде уште повеќе минути на младиот репрезентативец. Беше одличен на гостувањето во Битола, макар без краен тимски ефект. Реализираше 28. поени, што е една од неговите најдобри поентерски изданија во сезоната. За 38:23 минути во игра, имаше (3/9 во обидите за три поени, 7/9 за два и 5/7 од линијата која ги означува слободните фрлања. Освен тоа допиша и шест асистенции, пет скока, четири загубени и една освоена топка, за индекс 26.

БОБАН СТАЈИЌ (ПЕЛИСТЕР)

Креаторот на најголем број на успешни реализации на „пелистерци“ на средбата, прва четвртфинална, против Феникс 2010.

За 27:35 минути на теренот, репрезентативниот бек реализираше 22.поени (4/6 за три, 3/5 за два и 4/4 за еден поен), имаше и шест скока, три асистенции, шест загубени и две освоени топки за индекс 23.

ПРВА ПЕТОРКА

Војдан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром)

Гиорги Корсантиа (Гостивар)

Дамјан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром)

Андреј Митревски (Феникс 2010)

Бобан Стајиќ (Пелистер)

ВТОРА ПЕТОРКА

Донтај Карутерс (Пелистер)

Јуре Планиниќ (Еуро Никел 2005)

Иван Гавриловиќ (Еуро Никел 2005)

Ѓорѓе Ѓелетовиќ (Работнички)

Ивица Димчевски (Феникс 2010)

* петорките се формираат според бројот на остварени индексни поени