Второто продолжение од четвртфиналниот серијал на плеј-офот, донесе нерешен резултат во дури три од четирите пресметки кои водат понатака. Првиот фаворит, МЗТ Скопје е прв полуфиналист откако победи и во Гевгелија, и ги испрати кошаркарите на Кожув на „годишен одмор“...
БОЈАН КРСТЕВСКИ (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)
Еден од двајцата играчи во победничкиот тим кои го одбележаа натпреварот во Гевгелија. Во репрезентативно издание беше крилото на „металците“ на овој натпревар. Го заврши со 23.поени, шутираше беспрекорно за два поени (10/10) и од линијата за слободни фрлања (3/3). Додаде и осум скока за 27. минути поминати на теренот, доволно за индекс-28
ВОЈДАН СТОЈАНОВСКИ (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)
Само еден индексен поен помалку имаше неговиот репрезентативен колега. Макар што капитенот на нашиот национален тим имаше поголем број на реализации, вкупно 25, до кои дојде со висок процент на реализација (3/4 за три, 5/7 за два и 6/7 за еден поен). Тој ефект го дополни и со три скока, три асистенции, по една освоена односно загубена топка за 32:37 минути во игра.
ДУПРЕ МЕКБРАЕР (ТФТ)
„Икс фактор“ за ТФТ во исклучително важниот триумф остварен на гостувањето во Кавадарци. Влезе во игра од клупата за резервни играчи. Но тоа не му посмета на одличниот леворак шутер да комплетира учинок од 20.поени (7/10 во обидите вредни по два поени, и 6/8 од линијата за слободни фрлања), шест скока, пет асистенции, две освоени, една загубена топка за 29.минути во игра. И 27. индексни поени, што е трет индивидуален резултат во вторите мечеви од четвртфиналето.
АМАР ХОТ (ФЕНИКС 2010)
Отсуството на Бојан Трајковски во составот на Феникс 2010, услови да има многу поголеми офанзивни задачи, што не е чест случај во оваа сезона. Младиот репрезентативец одлично го замени својот поискусен колега на позицијата „четири“.
Одигра скоро 39.минути во кои дојде до дабл-дабл ефект, изразен преку реализација на 20.поени (2/5 за три и 7/9 за два поени), десет скока (два офанзивни), две асистенции, три освоени топки, и по една блокад аи загубена топка, за индекс-24.
БОБАН СТАЈИЌ (ПЕЛИСТЕР)
И на вториот натпревар од серијата со Феникс 2010, репрезентативниот бек на „пелистерци“ одигра и повеќе од добро. Но овојпат не беше доволно за конечен успех. Реализираше 24.поени (5/12 за три, 2/2 за два и 5/5 за еден поен), а освен тоа имаше и осум успешни додавања, два скока, и три загубени топки за 38:10 минути во игра. Сето тоа доволно за 24. индексни поени. И комплетирање на идеалната петорка на овој втор круг од четвртфиналето.
ПРВА ПЕТОРКА
Бојан Крстевски (МЗТ Скопје Аеродром)
Војдан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром)
Дупре Мекбраер (ТФТ)
Амар Хот (Феникс 2010)
Бобан Стајиќ (Пелистер)
ВТОРА ПЕТОРКА
Мајрон Гордон (Кожув)
Марјан Младеновиќ (Еуро Никел 2005)
Андреј Маслинко (Пелистер)
Дејвид Хотон (ТФТ)
Кени Карпентер (Пелистер)