08.05.2023

​​​​​​​Крилото на кавадарчани со одлични бројки, но недоволно за пласман во полуфиналето

ИДЕАЛНА ПЕТОРКА-ЧЕТВРТФИНАЛЕ-3: Планиниќ недоволен за нов „брејк“ на Еуро Никел во серијата со ТФТ

ФОТО: Јуре Планиниќ (број 4) ја одбележа третата рунда од четвртфиналето на плеј-офот

Зад нас е и последната, трета по ред, рунда од четвртфиналето на плеј-офот. Три натпревари во кои, видливо е, индивидуалните моменти беа распоредени во дури пет, од шестте клубови учесници во оваа фаза од натпреварувањето.

ЈУРЕ ПЛАНИНИЌ (ЕУРО НИКЕЛ 2005)

Ја затвори оваа сезона како играч на Еуро Никел 2005 со најдобриот индивидуален резултат. Во „мајсторката“ против ТФТ нa гостински терeн, реализираше 31.поен, и тоа со одлична реализација во шутот од поле (1/2 за три, 10/15 за два поени), како и од линијата за слободни фрлања (8/10). Освен тоа додаде и 15.скока, осум од нив, офанзивни. Освоени две, загуби четири топки за 37:23 минути во игра, за индекс - 36, најмногу во третите натпревари од четвртфиналето на плеј-офот.  

АНДРЕЈ МАСЛИНКО (ПЕЛИСТЕР)

Повредата е минато за него, го покажа тоа уште во оваа четвртфинална серија во која беше важен играч на Пелистер за пласман во првата „четворка“. Ги погоди трите обиди за три поени, имаше и 50% на реализација во обидите за два поени (3/6) и нешто повисоки од линијата за слободни фрлања (2/3). За 36:39 минути поминати во игра, додаде и 14. скока (три во напад), а имаше и по една освоена топка и блокада за тоа време. Збирно гледано, репрезентативното крило собра 28.индексни поени  

ЃОРЃЕ ЏЕЛЕТОВИЌ (РАБОТНИЧКИ)

Имаше добри бројки и во решавачкиот натпревар на Работнички во серијата со Гостивар, во победата реализирана на гостински терен. Не потрши многу топки, но уште еднаш заврши со дабл-дабл ефект. Имаше по 11. поени и 11. скока, а му недостасуваа само уште три успешни додавања за да дојде до троен ефект. Направи и две блокади, освои и една топка за 36:11 минути на теренот во салата „Младост“, и индекс 26.

АМАР ХОТ (ФЕНИКС 2010)

Не е лесно за да се надополни отсуството на играч од профилот на Бојан Трајковски во оваа екипа на Феникс 2010. Но младиот крилен играч го повтори тоа и на третиот натпревар од серијата со Пелистер. Беше најкорисниот во својата екипа, затоа што за 32:27 минути на теренот, постигна 22.поени. Ги погоди сите десет обиди вредни по два поени, реализира уште две слободни фрлања. На поентерскиот ефект додаде и 11. скока (три офанзивни), една освоена, две загубени топки, за крајни 26. индексни поени.

АЛЕКСАНДАР КОСТОСКИ (ТФТ  MOZZART)

Не е некоја вест ако се каже дека кога игра Александар Костоски, игра и ТФТ... Докажано безброј пати во изминатите неколку сезони. А потврдено и на мечот на одлука против екипата на Еуро Никел 2005.

Со оглед на важноста на натпреварот, остана малку подолго време во игра. Дури 37:51 минути, во кои дојде до ефект од 26.поени (4/11 за три, 6/8 за два и 2/2 за еден поен). Плус и два скока, две асистенции, две освоени топки, една загубена, или индекс-22 со кој се заокружува идеалната петорка на овие три решавачки натпревари

ПРВА ПЕТОРКА

Јуре Планиниќ (Еуро Никел 2005)

Андреј Маслинко (Пелистер)

Ѓорѓе Џелетовиќ (Работнички)

Амар Хот (Феникс 2010)

Александар Костоски (ТФТ  Mozzart)

ВТОРА ПЕТОРКА

Никола Малешевиќ (Работнички)

Гиорги Корсантиа (Гостивар)

Бобан Стајиќ (Пелистер)

Немања Жигон (Гостивар)

Сеад Хаџифејзовиќ (Пелистер)