Која е идеалната петорка, бирана според бројот на „појавувања“ во изборот на играчите во првата петорка во текот на регуларните 22.кола, а дополнета со индивидуалните ефекти кои го одбележаа тој прв дел од шампионатот.
ДАРКО СОКОЛОВ (ЕУРО НИКЕЛ 2005)
Искусниот бек на екипата од Кавадарци ја одигра својата најдобра сезона во изминатите неколку години. Во неколку наврати беше во изборот на идеалните пет.
А првата фаза од шампионатот ја заврши со навистина добри бројки.
На 21 одигран натпревар во просек реализираше по 15.43 поени, 6.52 скока и 3.57 додавања по меч. Погодуваше со 39.5% на успешност во шутот за три поени, и 57.2% во овој вреден по два поени.
Во просек играше по 32:10 минути по натпревар што доволно говори за довербата која ја имаше во него тренерот Горан Самарџиев.
СТЕФАН КРСТАЈИЌ (НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП)
Искусниот српски интернационалец е најдобриот стрелец во првиот дел од првенството.
Бекот на екипата од Кисела Вода во просек реализираше по 22.86 поени по натпревар. И тоа со 34.2% за три, 52% за два и 80.89% за еден поен.
Освен тоа добрите игри ги заокружи и со просек од 5.24 скока и 3.24 асистенции, за скоро 32.минути кои ги поминуваше на теренот.
АМИР СМИТ (ТФТ)
Делува помалку изненадувачки изборот во ТОП 5 на најдобриот скокач во ТФТ. Но бројот на номинации во првата петорка, бројот на избор за најкорисен играч во три првенствени кола, го промовираат Амир Смит како дел од идеалните пет по 22.одиграни кола од регуларниот дел.
Имаше скоро дабл-дабл во просек. Реализираше по 13.3 поени, и 9.67 скока по натпревар. Имаше одлична реализација од поле, 61.54% и нешто послаба 69.12% од линијата за слободни фрлања. Но неговиот придонес во успесите на тимот од Тафталиџе некогаш и не се само предмет на статистичка анализа.
ИГОР КЕСАР (ПЕЛИСТЕР)
Веројатно и најстандардниот и најдобриот играч во првиот дел од шампионатот во Првата лига-мажи. Силното крило на лидерската екипа во лигата, имаше најконстантни игри, плус тоа, на високо ниво, и со голем број на индексни поени.
Ги одигра сите 22.натпревари на кои во просек реализираше по 21.77 поени, 6.92 скока и 2.36 асистенции. Погодуваше со 64.38% во шутот за два поени, 36.8% од зад линијата 6.75 метри и 75.97% од линијата за слободни фрлања.
Освен тоа, српскиот интернационалец во редовите на Пелистер, во просек играше по 33:19 минути по натпревар.
РОБЕРТ РИКИЌ (ЕУРО НИКЕЛ 2005)
Одигра 13. од можни 22. кола во шампионатот, но тоа не му посмета на еден од највисоките играчи во Првата лига да си го пронајде своето место во идеалната петорка на првиот дел.
Имаше шест избори во „првите петорки“, односно беше биран во најдобрите пет на секој втор одигран меч за Еуро Никел 2005.
А ги реализира со високи бројки. Во просек постигнуваше двоен ефект – 19.69 поени и 10.54 скока. А имаше и 1.85 асистенции по натпревар. Погодуваше со 70% во шутот за два односно 77.79% за еден поен. Имаше со сосема солидни, за центар (28.37%) во обидите вредни по три поени.
ПРВА ПЕТОРКА НА РЕГУЛАРЕН ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА
Дарко Соколов (Еуро Никел 2005)
Стефан Крстајиќ (Навико Академија ФМП)
Амир Смит (ТФТ)
Игор Кесар (Пелистер)
Роберт Рикиќ (Еуро Никел 2005)
ВТОРА ПЕТОРКА НА РЕГУЛАРЕН ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА
Отис Ливингстон (Куманово 2009)
Никола Малешевиќ (Пелистер)
Олуфеми Олуџоби (МЗТ Скопје А)
Бранислав Ѓекиќ (Куманово 2009)
Бојан Трајковски (Пелистер)
ТРЕТА ПЕТОРКА НА РЕГУЛАРЕН ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА
Александар Костоски (Гостивар)
Ерик Питс (Работнички)
Ивица Димчевски (Гостивар)
Роберт Монтгомери (МЗТ Скопје Уни Банка)
Александар Тодоровиќ (Гостивар)